Македонскиот прволигаш ГФК Тиквеш го повлече дресот со бројот 16 со кој настапуваше за кавадаречкиот клуб 25-годишниот фудбалер Андреј Лазаров кој го загуби живот во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Лазаров, кој беше роден во Кочани, настапуваше за Тиквеш од 2019 до 2023 година, пред да ја продолжи кариерата во хрватските екипи Рудеш и Горица. Негов последен клуб во живот беше Шкупи.
– Во чест и знак на благодарност за Андреј Лазаров, фудбалер и голем херој кој со своите настапи многу придонесе за успесите на нашиот клуб, дресот со број 16 кој тој го носеше во ГФК Тиквеш, трајно се повлекува од употреба и ќе остане како траен белег да ги краси клупските простории за негов вечен спомен. Ангелите живеат вечно. Збогум Андреј – објави претпладнево Тиквеш на својот фејсбук-профил.
Лазаров го загуби животот во катастрофалниот пожар во кочанската дискотека „Пулс“ во кој во доцните ноќни часови во саботата загинаа вкупно 59 лица, а над 170 се повредени.