Интересни новитети за заканите од тероризам во најновиот извештај на Европол
Европол го објави најновиот извештај за состојбата со тероризмот во Европската Унија, кој ја дава најсеопфатната и најсвежа контраразузнавачка слика за тероризмот во Унијата.
Соло-терористите во моментов се повеќе од СЕРИОЗНА ЗАКАНА
Извештајот се заснова на податоците што земјите-членки на ЕУ ги доставиле до Европол за терористичките напади во земјите, како и за апсењата лица поврзани со тероризам во Унијата.
Според извештајот, за жал, тероризмот продолжува да претставува најсериозна закана. Во 2022 година, во ЕУ биле забележани 28 завршени, неуспешни или спречени напади. Завршени се 16 напади, а четири лица трагично ги загубиле животите, од кои две се резултат на џихадистички напади и две од десничарски терористички напад.
Според клучните наоди во извештајот, земјите-членки на ЕУ продолжуваат да го гледаат џихадистичкиот тероризам како најистакната закана во ЕУ. Од 380 лица што биле уапсени од земјите-членки на ЕУ во 2022 година за дела поврзани со тероризам, 266 лица биле уапсени како џихадисти.
Како еден од најголемите проблеми потенцирани во извештајот се поединците, поточно, осамените актери, кои остануваат да бидат клучна закана.
Статистиката вели дека најголем дел од нападите извршени во 2022 година биле направени од осомничени што дејствувале сами. Ова може да се забележи низ целиот спектар од џихадистички до десничарски и левичарски екстремизам.
ТЕХНОЛОГИЈАТА И ТЕРОРИЗМОТ
Технологијата и интернетот и во овој извештај на Европол, како и во минатиот, останаа да бидат клучни поттикнувачи на пропаганда, како и радикализација и регрутирање ранливи поединци во тероризам и насилен екстремизам.
– Покрај платформите за социјални медиуми, апликациите за пораки, онлајн форумите и платформите за видеоигри, се чини дека децентрализираните платформи добија популарност во терористичките и насилните екстремистички кругови – се вели во извештајот.
Други напредни технологии што стануваат сè повидливи вклучуваат производство и употреба на 3Д-печатени оружја, особено во десничарската сцена, и употреба на терористички елементи на виртуелни средства, особено криптовалути, за финансирање на нивните терористички активности.
РУСКО-УКРАИНСКАТА ВОЈНА КАКО ПОТТИКНУВАЧ
Иако се вкоренети во различни идеологии и заднини, терористите и насилните екстремисти, според анализите, сѐ повеќе споделуваат заеднички елементи, вклучувајќи слични наративи за исти теми, избор на слични цели за напади и позајмување тактички методи. Антиестаблишментот, теориите на заговор и противењето на технолошкиот напредок се чини дека сè повеќе го пополнуваат просторот меѓу идеологиите, обезбедувајќи мотивација за насилни дејства.
Највидливите реакции на руско-украинската војна се појавија во првите месеци од војната, главно во екстремно десничарските кругови. Припадниците на овие екстремни групи, на интернет масовно споделуваа видеа во кои повикуваа многумина да се приклучат во војната, додека и тие самите го правеа тоа.
Иако интересот за војната се чини дека постепено се намалува, во текот на остатокот од 2022 година, дезинформациите поврзани со конфликтот продолжуваат да ги поттикнуваат терористичките и екстремистичките наративи.
За извршната директорка на Европол, Кетрин де Боле, борбата против тероризмот останува приоритет за Европол и за ЕУ.
– Ќе продолжиме да работиме тесно со сите наши партнери со цел да ги ублажиме терористичките закани за заедницата преку негирање на средствата на терористите и ограничување на нивниот простор за планирање, финансирање и извршување напади, со спротивставување на радикализацијата и со зајакнување на размената на информации и полициската соработка. Продолжуваме кон нашата заедничка цел да ја направиме Европа побезбедна – потенцираше таа.
Извештајот се заснова на квалитативни и квантитативни податоци обезбедени од земјите-членки за терористички напади, апсења и судски одлуки издадени за терористички дела.
Информациите за пресуди и ослободителни пресуди за терористички дела, како и за измените на националното законодавство за тероризам обезбедени од Европравда и врз основа на податоци споделени од земјите-членки, го дополнуваат извештајот.
Три лица убиени во Нотингем, полицијата со основи на сомневање дека станува збор за терористички напад
Пред неполна недела британската полиција соопшти дека три лица се пронајдени мртви во централниот англиски град Нотингем, а еден маж е уапсен под сомнение за убиство, откако се обидел да прегази уште три лица со комбе.
Полицијата соопшти дека две лица биле пронајдени мртви на пат во центарот на градот нешто по 4 часот наутро, пред полицајците да бидат известени за друг инцидент веднаш надвор од градот кога комбе се обидело да прегази три лица. Тие се префрлени на лекување во болница. Уште еден маж бил пронајден мртов на друг пат пред центарот на градот. Од трите лица што се во болница откако комбето се обидело да ги прегази, еден маж е во критична состојба, додека за двајца се претпоставува дека добиле полесни повреди. Освен 31-годишниот, кој е во притвор, полицијата не бара никој друг во врска со нападите.
– Ги истражуваме околностите околу овие инциденти и работиме заедно со антитерористичката полиција за да ги утврдиме фактите – како што вообичаено би правеле во овие околности. Имаме човек во притвор, кој е уапсен под сомнение за убиство. Во овој момент не веруваме дека некој друг е вмешан во овој инцидент – рече началникот на полицијата во Нотингемшир, Кејт Мејнел.
Масакр во Уганда: Исламистите запалиле училиште, убиени најмалку 40 лица
Терористите не мируваат ниту во другите делови на светот. Милитанти поврзани со Исламска држава убија најмалку 40 лица, главно ученици, во терористички напад врз училиште во западна Уганда во близината на границата со Демократска Република Конго, соопшти во саботата угандската полиција.
Припадниците на Сојузничките демократски сили (АДФ), група од Уганда со седиште во источно Конго, која ѝ вети верност на Исламската држава, го нападнаа средното училиште „Лубирира“ во Мпондве, го запалија студентски дом и украдоа храна доцна во петокот, соопшти полицијата.
Полицијата не открива колку училишни деца има меѓу загинатите. Меѓу загинатите има и момчиња што во моментот на нападот биле во своите соби во домот. Би-би-си пренесува вознемирувачки детали за жртвите на нападот. Имено, некои од момчињата изгореле во пожар или биле искасапени до смрт, изјави за медиумите генерал-мајор Дик Олум од војската на Уганда. Многу студенти што преживеале, главно девојчиња, биле киднапирани, додаде тој. Се вели дека некои од телата добиле тешки изгореници и ќе може да се идентификуваат со помош на ДНК-тестови.