Фото: Пиксабеј

Татко и неговите двајца синови се осомничени за насилен напад врз две лица во „АД Гробишта Бутел“, при што биле употребени боксови, нож и гасен пиштол, а на жртвите им биле нанесени повеќе телесни повреди, пренесе МИА.

Од Основното јавно обвинителство Скопје информираат дека против тројцата е поведена постапка поради основано сомнение за кривично дело насилство.

Инцидентот се случил на 7 април, а според истрагата, мотив за нападот била одмазда. Осомничените ги пресретнале оштетените на нивното работно место, по што започнале со навреди и физички напад. Во текот на нападот замавнувале со нож, а еден од нив со гасен пиштол го удрил едното лице во главата, при што дошло и до испукување.

Како последица на нападот, двете жртви се здобиле со повеќе повреди, а настанот предизвикал и чувство на страв и несигурност кај присутните.

Јавниот обвинител предложил притвор за осомничените, поради опасност од бегство и можност да повторат кривично дело.