Фото: Маја Јаневска-Илиева

Сведок вработен во МВР, кој во текот на 2023 година бил началник на надворешната Канцеларија за криминалистички работи Кочани, денеска во Основниот кривичен суд Скопје изјави дека биле извршени повеќе контроли во дискотеката „Пулс“ и оти имало констатирано прекршоци.

На денешното судење против тројцата обвинети полициски службеници од Кочани за постапувањето при контролите поврзани со дискотеката „Пулс“, каде што на 16 март минатата година во пожар животот го загубија 63 лица, а над 200 беа повредени, беа сослушани двајца сведоци – полициски службеници од Кочани предложени од одбраната.

На сведокот Борче Иванов, вработен во МВР како главен советник во комисија за прекршоци, кој во текот на 2023 бил началник на надворешната Канцеларија за криминалистички работи Кочани, на почетокот му беше предочен анекс од акциски план за извршени контроли во дискотеката „Пулс“, кој, како што беше посочено од обраната, тој го има потпишано, по што продолжи да одговара на прашања во насока на тоа како се постапува во случај кога сопственикот не сака да соработува, не е активен во Централниот регистар и како се изготвува записник и барање за прекршочна.

На прашање од одбраната што се случува кога контролираното правно или физичко лице не сака да соработува, односно не сака да приложи тековна состојба, сведокот рече дека тогаш се бараат податоци од Централниот регистар.

За тоа што се прави во конкретниот случај вечерта кога ќе се констатира дека не сака да соработува, сведокот рече дека се прави записник за констатиран прекршок.

– Се изготвува записник за извршена контрола, каде што ќе се констатира наведеното и ќе се изготви барање за утврдување податоци за правното лице и ќе се изготви и записник за констатиран прекршок и барање за прекршочна постапка – рече сведокот.

Прашан за контролите вршени во дискотеката „Пулс“ во Кочани и дали биле изречени казни, сведокот рече дека биле вршени повеќе контроли и дека конкретно не може да се сети.

– Знам дека имаше констатирано прекршоци, но по датум не можам да се сетам – рече сведокот.

Прашан дали се презема постапка ако во случајот правното лице во Централниот регистар е неактивно, сведокот рече – да.

На прашање од јавниот обвинител како завршувале ваквите постапки кога правниот субјект е неактивен, сведокот рече дека би требало да се постапува и да има повратен исход.

– За повратниот исход – не можам да гарантирам тогаш, меѓутоа сега сум во комисијата и сега изрекуваме санкции, опомена или глоба, така што не е пречка изрекувањето – појасни сведокот.

Прв денеска беше сослушан сведокот Ерхан Хаџиминтас, вработен како полициски службеник во ПС Кочани, кој пред судот рече дека двапати учествувал во полициски контроли во текот на 2023 година во дискотеката „Пулс“, од кои првпат во април, а вторпат во текот на декември.

Во контролите учествувал со одговорниот Горан Лазаров, при што нашол две малолетнички во објектот, чии лични карти рече дека ги одзел и му ги предал на одговорниот Лазаров. На тоа сведокот рече дека почнал да реагира сопственикот Дејан Јованов-Деки.

– Рече „правете што сакате“ затоа што и претходно имавме дуел со него за малолетници во објектот. Затоа излеговме надвор, не сакаше да соработува со нас. Јас останав со малолетниците за да ги повикаат родителите, а одговорниот изготви записник – рече сведокот.

Сведокот нагласи дека и претходно во април 2023 година има пронајдено малолетници во дискотеката и исто така сопственикот не соработувал.

На прашање од јавниот обвинител сведокот рече дека откога ги одзел личните карти, отишол кај одговорниот на смена, кој бил во билетарницата заедно со сопственикот на објектот и неговиот син.

Прашан дали било побарано документи од сопственикот на дискотеката, сведокот рече дека одговорниот побарал, но газдата не соработувал и бил одбивен кон нив.

Прашан дали тоа било запишано во записникот, сведокот рече дека тој записник не попопнувал.

Судот го прифати предлогот на одбраната за обезбедување доказ од ПС Кочани за кој одбраната наведе дека има сознание оти се донесени пресуди во контекст на обвинението дека до 16.6.2025 година по овие барања нема донесено решенија.

– Сега веќе има временска дистанца, па судот го прифаќа предлогот и со писмо ќе се обрати до судот во Кочани за статусот на овие две барања – посочи судијката.

Одбраната претходно реагира дека барале од Основниот суд Кочани да им бидат доставени пресуди по два предмета што се воделе пред судот, но сè уште не им биле доставени.

Главната расправа продолжува на 20 април за кога треба да биде изведен доказ од Основниот суд Кочани за пресуди по прекршочни постапки за дискотеката „Пулс“ и сослушување на обвинетите по што во согласност со динамиката на 30 април треба да бидат изнесени завршни зборови.

Судењето го води судијката Лидија Петровска, а застапник на обвинението е јавната обвинителка Спасенка Андонова.

Судењето почна на 3 март годинава со читање на обвинителниот акт од страна на обвинителката Ивана Трајчева од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), на која минатата недела ѝ заврши мандатот и не беше повторно избрана.

На почетокот на судењето тројцата обвинети пред судот изјавија дека не се чувствуваат виновни по обвинението што произлегува од постапувањето при контролите поврзани со дискотеката „Пулс”.

На обвинетите им се става на товар дека при извршување акциски контроли во угостителскиот објект „Пулс“ не постапиле во согласност со пропишаните правила утврдени во анекс-плановите за акциска контрола и во записниците навеле неактивно правно и одговорно лице, кое, како што појасни обвинителката, не било активно во клубот во моментот на контролата.

Според обвинението, во периодот од 7 октомври 2023 до 7 февруари 2024 година обвинетите Кире Богатинов и Горан Лазаров, како службени лица, не ги извршиле своите службени должности, односно не постапиле во целост по анекс-плановите за акциска контрола од 5 октомври и 24 ноември 2023 година при изготвување записници за извршена контрола.

Во записниците, биле констатирани прекршоци за нарушување на јавниот ред и мир, но биле внесени неточни податоци за правното лице кабаре „Пулс“ во Кочани.

Според обвинителниот акт, третообвинетиот Александар Темелков, при одобрување на барањата за поведување прекршочна постапка од 1 и 7 февруари 2024 година не ја проверил целокупната документација приложена кон нив иако бил должен тоа да го стори, туку ги потпишал и ги поднел до судот во Кочани. Барањата биле изготвени против неактивното правно лице „Класик“ ДООЕЛ Кочани и физичко лице посочено како одговорно во „Пулс“, иако, според обвинението, тие не биле активни субјекти во моментот на постапувањето.

Со ваквите дејства, тројцата обвинети прибавиле имотна корист за „ММММ кафе“ ДООЕЛ Кочани, подружница кабаре „Пулс“, како и за одговорното лице, на начин прецизно опишан во обвинителниот предлог. 

Извор: МИА