Со вкрстено испитување на сведок предложен од обвинителството, кој бил финансиски раководител во Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), денеска во Основниот кривичен суд – Скопје продолжи судењето за случајот „Онкологија 2“, во кој за незаконско набавување лекови, прикривање преку фиктивни тендери и присвојување на дел од терапијата се обвинети поранешниот медицински директор на Клиниката за радиотерапија и онкологија, Нино Васев, и економскиот директор на Клиниката, Нехад Нухи.
Во текот на вкрстеното испитување, адвокатот Вељо Кадиев, поставуваше прашања поврзани со буџетот за терапија, јавните набавки и постапките за доделување согласности од Фондот и Министерството за здравство.
На прашање до сведокот, дали на средбите од страна на двајцата сега обвинети директори било постојано укажувано дека е потребно зголемување на буџетот за терапија, поради зголемениот број на пациенти, сведокот рече „на средбите беше укажувана потребата за повеќе пари за зголемување на бројот на пациенти кои би можеле да примаат терапија која не е на позитивна листа“.
Во врска со порастот на долговите на Клиниката, сведокот наведе дека „голем пораст на долговите имаше на крајот од 2021 година“.
Во однос на тоа кој одлучува за доделување биолошка терапија, тој потврди дека директорите укажувале дека не можат да определуваат кои пациенти ќе добијат терапија, бидејќи тоа претставува дискриминација, нагласувајќи дека „нема стручен конзилиум кој требало да одлучува кои пациенти ќе ја добијат терапијата“.
На прашање од адвокатот дали прекинот на терапијата може да биде животно загрозувачки за пациентите, сведокот одговори „да“.
Во делот на прашањата поврзани со јавните набавки, сведокот потврди дека постапките се спроведуваат согласно Законот за јавни набавки, и дека „начелото на конкуренција не може да биде повредено бидејќи не постои конкуренција“ кога станува збор за лекови од единствен производител.
Во продолжение, адвокатот праша дали од страна на Клиниката било укажувано на Фондот за потребата од итна набавка на лекови и зголемување на буџетот за овие терапии, на што сведокот одговори дека „можеби да, но не е сигурен“.
Сведокот појасни и дека согласно член 9 став 2 од Законот за здравствено осигурување, пациентите кои не се на товар на осигурувањето може да добиваат терапија со претходна согласност од Министерството за здравство и Фондот, при што секоја согласност се однесува на конкретен тип лек, дозирање и број пациенти.
На дополнителни прашања, сведокот потврди дека дел од лековите што ги набавува Онкологијата ги има и на други клиники, но постојат и такви кои се користат исклучиво на таа клиника.
Во однос на прашањето за фактурирањето на лекови кои не се на позитивна листа, сведокот рече дека сите здравствени установи биле известени да користат привремена шифра 999 999 при фактурирање на такви лекови.
Поради приватни обврски на член на Судскиот совет, рочиштето беше прекинато, а Судот донесе решение вкрстеното испитување на сведокот да продолжи на следната расправа закажана за 23 јануари 2026 година.
Според обвинението, во периодот од 2018 до 2022 година, Васев и Нухи незаконски набавувале лекови, ги прикривале преку фиктивни тендери и присвојувале дел од терапијата, со што го оштетиле државниот буџет за речиси 36 милиони евра. Двајцата обвинети ја негираат вината и тврдат дека процесот е политички мотивиран.
Покрај предметот „Онкологија 2“, во тек е постапката „Онкологија 1“ во која Васев и уште двајца лекари се обвинети за несовесно лекување пациенти.



































