Недостиг од основни противпожарни апарати, празен хидрант, заклучен помошен излез и отсуство на систем за дојава на пожар биле констатирани по трагичниот пожар во клубот Пулс. Ова на судското рочиште го изјавил инспектор од Дирекција за заштита и спасување (ДЗС) од подрачното одделение во Виница, пренесе МИА.
Сведокот истакнал дека до моментот на несреќата Општина Кочани повеќе од десет години немала вработено инспектор за заштита и спасување. Според неговиот исказ, претходниот инспектор се пензионирал околу 2012 или 2013 година, а од тогаш местото не било пополнето.
Тој појаснил дека неговите надлежности се однесуваат на територијата на Општина Виница, а за вонреден надзор во друга општина е потребен писмен налог од раководството на ДЗС. По пожарот, сепак, бил повикан да учествува во увидната екипа заедно со колеги од Пробиштип, Струмица и Берово.
Описувајќи ја состојбата во опожарениот објект, инспекторот посочил на сериозни пропусти во безбедносните стандарди. Во клубот имало само два противпожарни апарати, што според него е недоволно за таков објект. Хидрантот бил празен, без вода, црево и млазници, а систем за дојава на пожар воопшто немало.
Најсериозен проблем, како што нагласил, бил помошниот излез, кој бил заклучен од внатрешната страна и дополнително обезбеден со катанец. Вратата немала квака, а била скршена од пожарникарите за да можат да влезат во објектот.
Според сведочењето, вратата се наоѓала лево од бината, била тесна и без панично светло, а од надворешната страна била затворена со стиропор. И околината на објектот, како што посочил, не овозможувала соодветен пристап за интервентните служби.
– На задниот излез имаше зелена површина како брег и ограда, што не дозволуваше пристап на брза помош или пожарна – изјавил инспекторот.
Тој додал дека материјалите со кои бил обложен објектот придонеле за брзото ширење на огнот.
– Станува збор за пожар со отворен пламен кој брзо се шири, особено поради облогата со стиропор и други лесно запаливи материјали – посочил сведокот.
Одговарајќи на прашање дали ваков објект воопшто требало да работи, инспекторот објаснил дека инспекциските служби имаат овластување да забранат користење на објект доколку утврдат дека постои опасност по безбедноста.
Тој нагласил дека секој инвеститор е должен да изработи планска документација и елаборат за заштита од пожари, кои мора да бидат доставени до ДЗС за одобрување. Доколку тие документи или потребната опрема недостасуваат, институцијата може да издаде рок за нивно обезбедување или да изрече прекршочна казна.
































