Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во Основниот Кривичен суд Скопје денеска продолжи судењето за убиството на Вања и Панче со сведочење на таткото на Вања, Александар Ѓорчевски. Тој одговараше на вкрстени прашања од обвинителката, преку кои таа го испитуваше во однос на неговиот живот, исчезнувањето на Вања и потрагата по неа.

Во своите одговори, Ѓорѓевски повторно потврди дека не го познава Љупчо Палевски лично, туку разбрал за него кога бил актуелен објектот Тифани. Тој потврди дека бил зависник на наркотична дрога хероин, за која, како што рече, ја консумирал назално.
-Да, кажав, во периодот неспорно е дека сум бил зависник, сите мои колеги и пријатели го знаеја тоа, а супстанцата беше хероин, која што ја консумирав назално, никогаш не сум употребувал шприцови и не сум бил екстремен зависник, рече Ѓорчевски.

Прашан за одлуката да остане дома и да ги чува децата, односно на конкретното прашање „Одлучивте да не работите и покрај тоа што децата можеле да одат во градинка и двете баби можеле да помагаат? Вие решивте да немате неколку години никаков финансиски придонес кон семејството и да живеете на платата од Зорица?“, одговори дека воопшто не е така.

– Не, воопшто не сте во право, не е така, додека беше Зорица трудна, немаше никакви приходи, живеевме од мои заштедени средства, имавме доста пари од свадбата во вид на подароци, имав поддршка од татко ми, а што се однесува во однос на бабите, мајка ѝ на Зорица инсистираше да земеме жена како испомош а таа и мајка ми воопшто да не се мешаат во воспитувањето на децата. Имавме еден неуспешен обид, земавме жена додека беа уште малечки, ја фативме како на Миња ѝ даде некои средства за спиење за да седи мирна, од тие причини решивме да не бараме друга жена за чување. Се обидовме и со градинка, ги запишавме двете, една недела одеа во градинка, потоа две недели дома беа болни и од тие причини решивме да останам дома, јас да ги чувам и одгледувам, затоа што Зорица имаше поголема плата од мене и беше пологично јас да останам дома, образложи тој.

На прашањето – Дали е нормално да не работите и ви беше сеедно дали ќе земате и вие плата или не?, одговори дека не било нормално, но, бил принуден.  -Не било нормално, јас бев принуден, немаше кој. Не знаев колку време ќе трае тоа мое отсуство од работа, се надевавме дека колку е можно побрзо ќе се вратам на работа бидејќи во моментот ми беа отворени врати вода ве фирми и во секој момент можев да се вратам на работа, рече Ѓорчевски.

Обвинителката потоа го праша за наводите дека тој се познавал со сопственикот на фирмата во која работел, Трифун Костовски, кој, како што рече обвинителката, јавно изјавил во медиумите дека „сте работеле кај него и дека за вашиот татко има само пофални зборови, а за вас не може да каже нешто позитивно и не сака да коментира“?
– Не сум слушнал за таква изјава од господинот Трифун Костовски кој го знам од мали нозе, дури и тенис имаме играно заедно, додека беа претставници со татко ми во Полска. Костовски не ми беше директно надреден, имаше многу раководни структури помеѓу мене и него кои што ја оценувале мојата работа и придонес кон фирмата. А лично од Трифун Костовски сум слушнал само пофалби за тоа што сум го направил. Телевизија не гледам токму од тие причини, затоа што семејството ми кажа дека сѐ и сешто се зборува и се однесува со неистражени информации, се шпекулира и манипулира, рече Ѓорчевски.

Беше прашан и за неговиот успех во основно, со забелешка дека немал добар успех.

– Јас до петто дделение бев соученик со Радмила Шеќеринска и бевме првенци на генерација. Мислам дека сакаа и мозоците да ни ги сецираат да видат што имаме внатре. Потоа дојде тинејџерски период, татко ми заминуваше на привремена работа во Полска, тоа кај мене створи револт и како сите другарчиња од генерација, особено машкитез попуштивме со учењето. Во средно бев принудно запишан во економско. Сакав да се запишам на ниски струи, Орце Николов, насочено образование, но татко ми без да ме праша ме запиша во економско училиште, под изговор дека така ќе може да ме вработи во иднина затоа што и тој самиот работи во секторот на економија и е релативно успешен, рече тој.

Во однос на распоредот на часови на училиште за неговите ќерки, тој одговори дека бил запознаен со истиот.
– Да, имав увид во тоа, во секој момент сакав да знам на кој час се, рече Ѓорчевски.

Прашан  – „според редовниот распоред на часови, кој што велите дека го имате, Вања, без исклучок, секој петок оди сама на прв училишен час, бидејќи Миња, според распоредот, почнува со настава од вториот час. Така ли беше и во петокот, 24.11.2023 година“?, рече дека таков бил редовниот наставен план.

– Да, таков беше редовниот наставен план, за таа година прв пат, дури невообичаено, редовно Миња секој петок ѝ започнуваше наставата од втор час, рече тој.

Прашан дали за тоа дека Вања ќе оди сама на 27.11.2023, а Миња ќе оди на вториот час, се знае од неделата вечерта на 26.11.2023 година, кога Миња е известена од класната дека нема да го има првиот класен час, тоа го дознал и тој, одговори „Да, меѓутоа не беше на 26, можеби беше и ден пред тоа. Постои конверзација на Вибер помеѓу мене и Зорица каде го дискутираме тоа“.

Обвинителката го праша Ѓорѓевски и во однос на пораката што ја пишал да се облечат топло ден пред тоа, на што тој одговори дека тоа го сторил поради најават за минусните температури.

Прашањето гласеше „Вечерта на 26.11.2023 во неделата, точно ли е дека пративте порака во Дискорт групата во 22:30 часот, цитирам, утре ќе биде ѕивра, минус 7, плис извадете топли ствари, сабајле да не губите време, плус хулахопки, плус чорапи, чизмички или добро патики, плус блуза, плус дуксер, шал, ракавици не мора и џебови да ги пикнете рацете, како да сте ги спремале за на планина“.

– Не се сеќавам точно за минути, за часови, личи на мене тоа што го кажавте, имајќи ја предвид прогнозата што ја најавија. Познавајќи ги децата, дека нема да ме фермаат, ја препратив пораката кај Зорица, за да под нејзин надзор се облечат топло за на училиште, а не во ски комбинезони за на планина, како што прејудицирате вие, згора на сѐ, како и што претставував, и јас и Зорица, тие беа во поодмината возраст, тинејџерки, изгледот им беше поважен од здравјето и воопшто не нѐ послушале ниту мене ниту Зорица и си се облекле фенси, а не топло, тече тој.

На прашањето зошто тогаш не одлучил да ги однесе со кола, одговори дека имале став да престанат да ги разгалуваат.

– Помислив на тоа, меѓутоа Зорица имаше став дека треба да престанеме да ги галиме и размазуваме, и ако се понудев, знаев каков ќе беше нејзиниот одговор. Што се однесува до мене, да немаше таков однос од страна на Зорица, ќе одев, ќе ги земев и ќе ги однесев на училиште. Тука има уште еден момент, кога помислив да ги носам на училиште, јас веќе целосно имав заборавено дека Миња е од втор час, значи откако ќе тргне да ја носам Вања, ќе се потсетев дека треба да се враќам по Миња, па и неа да ја носам, рече тој.

Ѓорчевски беше прашан и за моментот кога дознал дека Вања ја нема и како успеал толку брзо да се спреми „Како како поспан човек сте успеале за три минути да станете да се спремите и да се симнете?“

– Не знам од каде ви е овој заклучок дека за мене било својствено да доцнам, можеби не сум станувал затоа што сум имал премногу обврски околу децата, па некогаш не сум станувал навремено да сменам две пелени, да облечам две деца, да ја изгасам ринглата на која се готвела манџа, па да задоцниме на некој роденден. Откако бев ослободен и Зорица преземе половина од одговорноста кон нив, никогаш никаде секунда не сум задоцнил. За време на паузите на работа, за време од половина час јас ќе стасав да одам до АХВ, да завршам сертификат за квалитет, до Стопанска комора, да заверам сертификат за потекло и да стасам на училиште да ја пренесам Миња преку раскрсница и да се вратам на време на работа. Што се однесува до сабајлето, јас бев толку избезумен, што и гол да се симнев пред зградата, немаше да биде невообичаено, рече тој.

Потоа беше испитуван во однос на моментот кога почнале да ја бараат при што тој нагласува ќе дека во моментите на „безумие“ се обидел со сите можни начини. – Денеска можете да дадете наредба до Безбеден град, ќе го добиете интегрално целото моето движење една недела пред и после настанот, а не парцијално да извадите снимка од пет секунди како се движам преку мостот на Александар Палас, зошто не ја продолживте снимката за уште десет секунди, за да се види дека се враќам назад. Се надевав дека ќе ја најдам Вања по пат, дека некој што ја украл ќе ја пушти, ќе се предомисли, додека возев цело време разговарав по телефон, со пријатели кои можат да помогнат, но пресудно беше кога почнаа да се гледаат камери, тогаш одлучив да се вратам во Центар и заедно со родителите продолживме да бараме камери, рече тој.

Во врска со сценариото кое го имал дека Вања е киднапирана, одговори дека не знае зошто го имал.

– И јас се прашувам зошто, и тогаш се прашувавме зошто, но, моментите на нејзиното исклучување на телефон, после скршнување од патот за училиште наведуваа на тоа дека не е по своја волја отидена во погрешен правец. Тоа со Зорица го констатиравме уште во 7:47 сабајлето кога пријавивме во полиција и Зорица ги замоли колешките од работа да објават по социјалните мрежи дека ни е исчезната Вања, посочи Ѓорчевски.

Раскажа и за соработката со Гоце. Прашан „како вашиот пријател кој работи во Сејф сити не ги известил неговите претпоставени во Сејф сити, туку прво ве известува вас, а притоа велите дека не можете да го откриете името на тоа лице, за да не му наштетите”, одговори: -Ако не беа тие снимки, денеска во судницата ќе се расправаше само за убиството на Панче, претпоставувам дека немале наредба да го бараат возилото, пропуст на полицијата. Контактот не знам кој е, тој не смееше да ни издава тајни или праќа снимки од безбеден град, меѓутоа ние смеевме него да му праќаме снимки, рече Ѓорчевски.

Во однос на прашањето зошто од сите возила, ви стана сомнително само возилото Цитроен од кое не се забележува дека внатре е Вања, одговори дека биле сомнителни повеќе возила.

– Од снимките кои што јас ги поседував, не се гледаше за колку лица се работи. Не ни беше само тоа возило сомнително, но откако ни го посочија од Сејф сити се фиксирав за него и го споредив со уште три камери кои ги поседував, на последната камера возилото сомнително се движи на последната десна лента кај Буњаковец, па застанува, се враќа во рикверц, врти лево, како да добива институции од некого каде да се движи, рече тој.

Во врска со снимката што ја нашле од бензиската Макпетрол во Велес, одговори дека му ја проследиле до Музафер.

– Откако Гоце дозна за кое лице се работи, за велешанецот, преку чаршиски муабети доби првични информации, дури и се сомневаше дека Вања е киднапирана од тоа лице. Во разговор со роднината, кој е вработен на бензиска пумпа, добив информација дека, не се сеќавам точно на кој ден, јас таа снимка ја видов и беше препратена кај Музафер со цел побрзо да ја добие, бидејќи ако оди по службена должност ќе трае два дена целата постапка, се гледа како велешанецот стои до возачката врата, внатре има едно лице на совозачкото седиште, а разговорот помеѓу него и роднината на Гоце бил дека капачето му е расипано и побарал да му се стави гориво во картичка. Бил одбиен и рекол дека ќе продолжи патот, на некоја наредна бензиска пумпа ќе се снабдел со гориво, рече тој.

По Ѓорчевски, на кој денеска прашања треба да му поставува Обвинителството и одбраната на останатите обвинети, треба да биде сослушан и обвинетиот Љупчо Палевски.

Во обвинението стои дека Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишов и Александар Ѓорчевски, заедно испланирале грабнување на 14-годишната Вања со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп. Грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес, пак, според обвинението, било со намера да го присилат да им го даде сопственото возило „Цитроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.

Малолетната Вања и велешанецот Панче, беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, а на 3 декември 2023 година беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес.