Мајката на починатата Ивана Јовановска, Љубица Стојановска, во своето сведочење пред Основниот кривичен суд Скопје изнесе сериозни обвинувања за долгогодишно физичко насилство што, според неа, нејзината ќерка го трпела од сопругот Стојанче Јовановски.
Таа посочи дека во 2025 година Ивана била нападната во нивниот стан, по што успеала да избега, а случајот бил пријавен во полиција. Сепак, поради страв, таа не го потпишала записникот следниот ден. Во своето сведочење, Стојановска ги опиша и другите инциденти, вклучително и настанот на автопат по враќање од свадба во Штип, како и хоспитализацијата на Ивана на Клиниката за абдоменална хирургија, каде, според лекарите, болките во стомакот биле последица на удари, пренесе МИА.
Опишувајќи го нападот во станот, таа рече:
-Стојанче не заминал на работа и по нејзино кажување настанала расправија, тој сакал да ѝ ги земе телефоните. Имаше модринки и вратот ѝ беше црвен, ја давел. Сакал да види дали со некого контактирала. Некако успеала да излезе од станот. Ми се јави мајката на Мартин Саздов, другарот на Стојанче, и ми кажа дека Ивана била нападната од сопругот и некако успеала да излезе од станот и ме советуваше да пријавам во полиција, бидејќи била физички нападната од сопругот и не знаат каде се наоѓа во моментот – изјави Стојановска.
Таа додаде дека Ивана и таа дале исказ во Полициската станица Карпош, но од страв, нејзината ќерка не го потпишала записникот.
Во сведочењето беше опишан и инцидентот на автопат, кога по расправија во автомобилот, обвинетиот ги оставил Ивана и нивната малолетна ќерка Катја на патот.
-Ивана, Катја и Стојанче биле на свадба кај братучетка на Стојанче во Штип и на враќање, јас така знам, требало ноќе да се вратат, Ивана згрешила да му каже каде да сврти и да се уклучи на пат, се скарале, ги избркал од кола ги извадил Катја и Ивана на автопат. Ја удирал, ја клоцал Ивана, дури Катја после призна „и мене тато ме удри“ и си заминал Стојанче. Ги оставил Ивана и Катја на автопат – рече мајката.
Стојановска сведочеше и за настаните по јануари годинава, кога Ивана итно била примена во болница поради силни болки во стомакот и по прегледи на повеќе клиники била задржана на Клиниката за абдоменална хирургија.
-Докторите ми кажаа дека овие болки се од удар и се прави хематон внатре во абдоменот, со тоа што кога се разградува тоа е многу акутно и вредностите се многу високи. И советуваа да остане, затоа што може некогаш и минути да се во прашање да отвораат и да реагираат – посочи Стојановска.
Според неа, за време на престојот во болница, обвинетиот повторно ја нападнал Ивана, туркајќи ја по скали пред нивната ќерка.
-Собата беше празна и се појави главната сестра на целата хирургија во ходникот со Ивана и ме праша дали знам што се случило. Главната сестра ја внесе Ивана во една соба, тогаш дојде и полиција и ми кажаа дека Стојанче бил на посета кај Ивана и излегле кај лифтовите на влезот од Одделот на хирургија, се расправале, сакал да ѝ ги земе телефоните за да види со кого комуницирала бидејќи била во болница. Пред очите на Катја тој ја турнал по скали Ивана, болничар се стрчал и ја кренал Ивана и веднаш се организирале да ѝ направат компјутер на глава и дали има скршеница, а Катја ја прибрале сестрите и ја прашале дали сака да јаде. Малата Катја им кажала на сестрите на Одделот дека јадела ѓевречиња само претходниот ден и дека Стојанче ништо не ѝ дал за јадење, ја заклучил дома и заминал да вежба – сведочеше мајката.
Таа додаде дека следниот ден Ивана, по сопствено барање, ја напуштила болницата, иако, како што рече, нејзината здравствена состојба не била стабилизирана.
Во текот на постапката беше нагласено дека Ивана со години живеела во страв, со видливи траги од насилство, под постојана контрола и со страв дека ќе ѝ биде одземена ќерката.
Судењето против Стојанче Јовановски започна денеска, при што судот не го прифати неговото делумно признание на вина и одлучи постапката да продолжи со изведување докази.
Обвинетиот првично призна вина за дел од делата, но изјави дека бил принуден на тоа, по што судот оцени дека изјавата не е дадена доброволно.
-За првите две дела се чувствувам виновен, но за третото дело не се чувствувам виновен. Се чувствувам виновен и ги признавам кривичните дела, и тоа: телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1 од КЗ, како и кривичното дело загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска став 1 од КЗ. Ги сторив во време, начин и на место онака како што се опишани во обвинителниот акт. Но не се чувствувам виновен за кривичното дело наведување на самоубиство и помагање во самоубиство – посочи обвинетиот пред судот.

































