Судскиот совет го разреши судијата од Апелацискиот суд Скопје, Енвер Беџети, од функцијата. Инаку, тој во декември минатата година, заедно со поранешниот прв вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, беше ставен на црната листа на САД за примање мито и одолговлекување судски предмети поврзани со кривичното осудување на Сашо Мијалков, поранешниот директор на УБК.
Судскиот совет по спроведена постапка за утврдување на одговорност на судијата Енвер Беџети, на 26.05.2025 година донесе одлука за негово разрешување.
– Е.Б., судија на АС С., СЕ РАЗРЕШУВА од вршење на судиската функција, поради сторена потешка дисциплинска повреда што го прави недостоен за вршење на судиската функција, согласно со член 74 став 1 алинеја 1 од Законот за судовите, поради потешка повреда на јавниот ред и мир и други посериозни форми на недолично однесување со кое се нарушува угледот на судот и неговиот углед од член 75 став 1 точка 1 од истиот закон в.в. со член 3 алинеја 1,3 и 4 од Законот за судовите“, се наведува во решението од Судскиот совет.
Беџети ја обжали одлуката, а Советот за одлучување по жалба при Врховниот суд на денешната седница донесе одлука со која го потврди решението на Судскиот совет од мај годинава.
Груби и Беџети лани беа ставени на црната листа на САД.
– Денешното назначување на Артан Груби и Енвер Беџети е доказ дека политичкото мешање во судството не може – и нема – да се толерира. Соединетите Американски Држави ќе продолжат да ги именуваат оние кои се вклучени во значителна корупција што ги поткопува демократските институции и ја нагризува јавната доверба. Никој не е над законот, а одговорноста е од суштинско значење за напредок – рече тогаш американската амбасадорка, Ангела Агелер.