Судот денеска одлучи да не ги спои тековната судска постапка и новиот обвинителен акт против 13 полициски службеници за истиот кривично-правен настан поврзан со пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Обвинителниот акт против полицајците беше поднесен на 30 јануари годинава.
Судијката Дијана Груевска-Илиевска образложи дека евентуалното спојување на предметите би довело до одолговлекување на постапките. Таа посочи дека, со оглед на фазата на доказната постапка, како и фактот што Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција има поднесено уште три постапки со вкупно 25 обвинети, од кои едната е во завршна фаза, спојувањето би било спротивно на начелото на економичност и обврската судот да постапува без непотребно одолговлекување, во интерес на обвинетите, пренесе МИА.
– Со оглед дека освен тимот од 15 обвинители што постапуваат по овој предмет би било потребно и присуство на дополнителни обвинители од ОЈО ГОКК – изјави судијката.
На одлуката реагираше бранителот на обвинетиот Шефкет Хазари, адвокатот Петре Шилегов. Тој посочи дека Судот донел посебно решение без да изврши увид во доказите за другите предмети и дека на тој начин не може да се знае во која фаза се тие постапки.
– Не значи дека имаме две стварно надлежни обвинителства во државата. Не ми е јасно како внатрешна организација да биде пречка за законитост на постапката. Затоа барам да се обезбеди увид во тие докази. Одбраната моментално нема увид во сите докази кои обвинителството парцијално ги применува во различни постапки – изјави Шилегов.
Од Судот информираа дека не бил извршен директен увид во предметите, но дека бил остварен телефонски разговор со надлежните одделенија за да се утврди до каде се постапките, по што е донесена одлуката.
Застапниците на обвинителниот акт во оваа постапка посочија дека не се надлежни да се произнесат по барањето за спојување, бидејќи обвинението е поднесено од ОЈО ГОКК. Тие нагласија дека „зачудува барањето на одбраната за спојување на постапката, со оглед на тоа што истата одбрана претходно приговараше за обемноста на предметот и бројот на обвинети“.
Предлогот за спојување го поднесе одбраната на првообвинетиот Дејан Јованов. Адвокатката Ивана Коцевска посочи дека полициските службеници се товарат како соизвршители за истиот кривично-правен настан и истото кривично дело како и обвинетите во тековната постапка, предупредувајќи дека одвоеното водење на предметите може да доведе до различни судски заклучоци за фактичката состојба.
Пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани избувна ноќта меѓу 16 и 17 март минатата година за време на настап на музичката група ДНК. Во трагедијата загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.
Судскиот процес се одвива под засилени безбедносни мерки, а постапка се води против повеќе од 30 физички и три правни лица за тешки дела против општата сигурност. Обвинителството го застапува тим од 15 јавни обвинители, а судењето продолжува со изведување докази и сослушување сведоци.
































