Во Основниот Кривичен суд Скопје денеска се одложи судењето за „Беса Транс“ поради симптоми на ковид-19 на обвинетиот сопственик на компанијата, Беким Хаџиу.
Асмир Алиспахиќ, бранителот на обвинетиот, до судот достави потврда за направен тест за ковид-19 и кажа дека до овој момент не добиле резултати.
– ковид-19 е болест од пандемиски размери, па најдобро беше да не доаѓа денеска – рече бранителот.
Сопственикот и управител на „Беса Транс“, Беким Хаџиу, и застапникот на правното лице „Беса Транс“, Шабан Хоџа, на изминатото рочиште изјавија дека не се чувствуваат виновни за „фалсификување на исправа“.
Според обвинителниот акт, обвинетиот 41-годишник, Беким Хаџиу, како управител на правното лице „Беса Транс БТБ“ од Рашче, искористувајќи ист траен однос, исти прилики и слични околности, преку возачите кои управувале автобус во сопственост на фирмата, извршил повеќе временски поврзани дејствија и употребувал како вистинска лажна јавна исправа Извод од лиценца за вршење на јавен превоз во меѓународниот патен сообраќај.
Процесот го води судијата Ивица Стефановски, застапник на обвинението е јавниот обвинител Владимир Милошевски. Следното рочиште е насрочено за 2 февруари.