Во Основниот кривичен суд Скопје денеска одново почна судењето за случајот „Трезор“ во кој еден од обвинетите е ексначалникот на поранешната Управа за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков, откако Апелацискиот суд Скопје лани во ноември ја укина првичната пресуда на Кривичниот суд и го врати предметот на повторно судење.
Новиот судски процес го води и нова судијка – Имране Селмани која претседава со петчлениот судски совет кој по втор пат го суди предметот за набавката на британската опрема за следење на комуникации за кој Мијалков, поранешниот началник на Петтата управа на УБК, Горан Грујевски, и експомошникот-министер во МВР, Небојша Стајковиќ, се обвинети за злоупотреба на службената положба и овластување, а поранешниот началник на оддел во УБК, Тони Јакимовски, се товари за помагање.
На ексначалникот во поранешната УБК, Грујевски, судот реши да му се суди во отсуство, бидејќи се наоѓа во бегство во Грција.
Обвинителството и одбраната ги судрија аргументите во врска со една од главните забелешки што Апелацискиот суд ги имаше на првата пресуда на Кривичен, а се однесува на тоа што недостигало вештачење. Обвинителот Артан Ајро на денешното рочиште побара од судот да нареди вештачење. На ова веднаш со приговор реагираше адвокатот на Мијалков, Љупчо Шврговски, кој рече дека ваквиот предлог е неоснован и спротивен на закон.
Судечкиот совет на чело со судијката Селмани направи пауза заради консултација и реши дека по овој предлог судот дополнително ќе одлучи во текот на постапката.
Со воведните говори Обвинителството и одбраната останаа на кажаното од претходниот судски процес. Единствено, како што посочи обвинителот Ајро, разлика има во износите што терба да бидат усогласени со доказите. Иако не прецизираше на рочиштето, станува збор за сумите од направената штета по државниот буџет при набавката на британската опрема за следење на комуникации, како и оштетните побарувања од обвинетите. Така, според новите пресметки на обвинителството, штетата од набавката сега е помала за околу 8.000 евра.
Мијалков се произнесе дека не е виновен, а тоа го кажаа и останатите обвинети.
Судскиот процес продолжува на 17 март со изведување материјални докази од Обвинителството.