Пожарот што го зафати малешевскиот крај, на границата меѓу селата Митрашинци и Будинарци е делумно под контрола, а проблем за негово целосно локализрање е што гори во енклави, изјави Ѓорге Илиев кој со тим од подружницата на ДЗС во Гевгелија учествува во гасењето на пожарот.
– Секој пожар и мал може да стане голем. Во моментов ние не можеме да дадеме никаква точна проценка, но сепак ние сме тука од раните утрински часови. Од Валандово тргнавме околу четири и пол сабајле, тука бевме околу 6, 7 часот. На теренот веќе бевме пристигнати, пожарот не е активен насекаде, но еве сами забележувате, гори во енклави. И сега се обидуваме тие енклави да ги спречиме, но многу е неблагодарно да прогнозираме дека пожарот е под контрола. Значи пожарот делумно е под контрола, локализиран. Но, сепак има такви енклави каде што се уште се шири пожарот – вели Илиев.
Тој појаснува дека овој простор пред неколку години бил свлечиште, и внатре во самата шума има стари трупци, стари дрва кои се стогодишни со пречник од метар, до метар и половина, што се суви и сега горат.
– Штом горат тие се стркалуваат и ни прават повторно проблем, трупецот излегува надвор од енклавата и прави повторно пожар. И затоа хеликоптерот ги гасеше тие енклави. Сега кога имаме линиски пожари, пожарот ни побегна од тие енклави, тука е авионот по тие линии да може да ни дозволи да се приближиме за да може полесно да го локализираме. Инаку, пожарот е делумно под контрола. Иако не е во целост линијата под контрола до вечер ќе се обидеме да го ставиме под контрола, но не ветуваме – вели Илиев.
Во меѓувреме, за денеска во 17 часот е најавен состанок на Управувачкиот комитет, со кој раководи директорот на ЦУК Стојанче Ангелов на кој ќе присустуваат министрите за внатрешни работи Оливер Спасовски, за надворешни работи Бујар Османи, за транспорт и врски Благој Бочварски, за одбрана Славјанка Петровскаи и за здравство Беким Сали.
Темата на состанокот ќе бидат пожарите и предизвиците од нив во текот на летото на територијата на државата, но и како да се помогне и на соседните земји со капацитети и ресурси.