Фото: Игор Бансколиев

Доколку само во еден ден донесете одлука да прошетате низ градот пеш или со возило, и малку повнимателно ги набљудувате сите учесници во сообраќајот во контекст на доследно почитување на сообраќајните правила и прописи, всушност, ќе сфатите какво сообраќајно лудило создаваат поголемиот дел од учесниците во сообраќајот. Екипата на „Нова Македонија“ токму тоа и го направи. Реализиравме еднодневна обиколка низ градот опсервирајќи и регистрирајќи, посебно во оние делови што, според статистиката, се црни точки во сообраќајот, независно дали станува збор за метеж, зголемен број на пешаци, сообраќајно дивеење…

ГРАЃАНСКИ БЛАМ И СРАМ ВО ВРСКА СО ПОЧИТУВАЊЕТО НА СООБРАЌАЈНИТЕ ПРАВИЛА И ПРОПИСИ

Македонија е една од земјите каде што сообраќајната култура е на релативно ниско ниво, со исклучок на некои населени места, каде што може да се забележи за нијанса поголемо почитување на сообраќајните правила и прописи и на другите учесници во сообраќајот. За жал, некои делови од земјата и главниот град наликуваат на места во светот познати по хаосот и анархијата во сообраќајот. На тие места владее вистинска мешаница, не само од возила туку и од пешаци, кои претрчуваат низ улиците каде што ќе стигнат. За престигнување и несоодветно паркирање, залудно е и да се зборува, бидејќи секојдневната слика од некои делови од градот докажуваат дека се залудни сите мерки што досега беа преземени, со цел решавање на еден од најгорливите проблеми – сообраќајот и сообраќајната култура.

КРИТИЧНИ СООБРАЌАЈНИ ТОЧКИ

Можеби најтрагичното нешто во земјава е тоа што и покрај многубројните несреќи што изминатиот период се случија, во кои животот го загубија пешаци, но и возачи, и покрај зголеменото присуство на полицијата, сепак, некои од учесниците во сообраќајот продолжуваат со безредието со исто ако не и со посилно темпо.
Доколку само во еден ден донесете одлука да прошетате низ градот пеш или со возило, всушност, ќе сфатите какво сообраќајно лудило создаваат токму учесниците во сообраќајот.
Екипата на „Нова Македонија“ токму тоа и го направи. Реализиравме еднодневна обиколка низ градот, посебно во оние делови што, според статистиката, се црни точки, независно дали станува збор за метеж, зголемен број на пешаци и сообраќајно дивеење.
Па, така, на улицата Цветан Димов, и покрај тоа што беа поставени бетонски столбови за да се спречи полукружното вртење среде улица, но и претрчување на пешаци, сепак ќе забележите дека столбот сега се користи од пешаците за „муабетење“ среде две сообраќајни ленти. Во кој било период од денот и да поминете ќе забележите барем еден пешак како стои потпрен на столбот и како се довикува со некој отспротива, без буквално да му трепне око дека стои среде една од најфреквентните улици, каде што лесно може само поради мало невнимание да заврши под нечие возило.
Малку подолу од оваа улица, на Бит-пазар, ќе ве фрапира бројката на бестрашни пешаци што претрчуваат каде што ќе стигнат и покрај многубројните пешачки премини, мост за пешаци, семафори за возила и пешаци…. Тука се потребни, што би рекле старите, „четири очи“ или „очи на тилот“ за да не прегазите некој од пешаците.
Ништо подобро не е ниту на Партизанска, каде што за разлика од горните две улици, има за нијанса поголемо почитување на сообраќајните правила. Сепак, тука, каде што нема сообраќаен метеж од возила, ќе ве изненади бројот на пешаци што претрчуваат преку жардиниери, на црвено светло. Меѓутоа, разликата е во односот на пешаците на двете локации. Во Чаир ќе ве поздрават, ќе ви мавтаат, ќе ви се извинат, а тука, уште доколку им сигнализирате дека не смеат да го прават тоа, ќе добиете пцости, а можеби и ќотек или, пак, бастун на шофершајбна, доколку лицето е постаро и понервозно.
Во Аеродром, пак, покрај „Капитол мол“, редовно ќе ве закочат паркирани возила со четири трепкачи, кои си ја блокирале целата сообраќајна лента, затоа што морале нешто набрзина да направат.
Автокоманда е едно ниво над сите. Тука е буквално лудница. И пешаци и автомобили се движат по улици, се мешаат едни меѓу други, и токму за тука е потребна посебна вештина на возење и претпазливост.
Железарци, пак, откако добија лежечки полицајци, се однесуваат како да имаат предност во сѐ, а воопшто не треба да е така. И покрај пешачкиот премин, пешакот е должен да процени дали возилото може да запре и да го пропушти, наместо да си играат „ризик“ и да преминуваат преку пешачкиот со брзина на полжав.

СЕ КАЗНУВААТ И ПЕШАЦИ И ВОЗАЧИ

Изминатиот период, Министерството за внатрешни работи драстично ги зголеми санкциите за возачите што не пропуштаат пешаци, но и за пешаците што за волја на вистината се однесуваат како шерифи низ земјава. И тоа се казнуваат насекаде, затоа што очигледно тоа е единствениот начин да му се стави крај на самоволието.
Па, така, само пред неколку дена беа санкционирани дури 263 пешаци на територијата на целата земја. Од сите нив, дури 217 пешаци преминувале улица надвор од пешачки премин, а дури 38 преминале улица на црвено светло. Од нив 81 биле казнети во Скопје, 39 во Тетово и 36 во Битола.
Возачите, пак, продолжуваат да ги игнорираат пешаците како рамноправни учесници во сообраќајот.
Пред неколку дена, само во еден ден, 44 возачи не им дале предност на пешаците, иако обврска е да ги пропуштат да ја преминат улицата.
– Министерството за внатрешни работи продолжува со ваквите акциски контроли. Апелираме до возачите секогаш да ги пропуштаат пешаците, односно да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи. Исто така, апелираме и до пешаците да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и да го минуваат коловозот на обележан пешачки премин затоа што непочитувањето на сообраќајните правила ќе биде санкционирано. Сите заеднички, со почитување на правилата, мора да придонесеме за побезбедни сообраќајници – информираа од МВР.
Граѓаните велат дека е потребно зголемено полициско присуство, бидејќи кај нас само тогаш се почитуваат правилата.
– Кога некаде има полиција, возачите возат полека и ги пропуштаат пешаците. Кога има полиција, пешаците почитуваат светлосна сигнализација и преминуваат улица на пешачки премин. Значи само полиција му е мајката. Само така може да се стави крај на сообраќајното лудило – вели Ѕвонко Стојановски.