Фото: МИА/Архива / Илустрација

Судскиот совет на 538. седница констатира сериозни сомнежи за нестручно и несовесно постапување на судии од Апелациониот суд Скопје, поради неразумно одолжување на судски постапки што резултирало со апсолутна застареност на предмети.

На седницата беа разгледани и усвоени извештаите на работните групи по извршените увиди во Основниот суд Тетово и во Апелационите судови во Гостивар и Скопје. Притоа, членовите на Советот укажаа и на системски проблеми во водењето на казнената евиденција меѓу полицијата и судовите.

При разгледувањето на извештајот за Основниот суд Тетово, по претставка од полицијата за укинување мерка притвор на две лица, било утврдено дека судот постапил согласно законот. Иако во евиденцијата на МВР лицата биле заведени како повеќекратно осудувани рецидивисти, тие пресуди биле стари и правно избришани.

Членот на Судскиот совет Ивица Николовски посочи дека постои системски проблем, бидејќи бришењето на осудите во судовите најчесто не се врши по службена должност.

– И понатаму ќе постои проблем помеѓу податоците за казнената евиденција кои ги има МВР и она што се случува во судовите, бидејќи кај нас сè уште отсуствува задолжителното бришење по службена должност. МВР честопати има една евиденција, судовите се бавни, не прават бришење, тоа најчесто се прави по барање на странките и затоа ова ќе биде проблем – рече Николовски.

Советот го разгледа и извештајот од посетата на Апелациониот суд Скопје, презентиран од судијката Антоанета Димовска, изработен по анонимна претставка за работата на еден судија. Работната група констатирала пречекорување на роковите за објавување пресуди, како и неоправдани одложувања на јавни седници по барање на бранителите, со што обвинетите подолго останувале во куќен притвор.

Во извештајот е наведено дека ваквото постапување е спротивно на член 405 став 1 од Законот за кривичната постапка, според кој пресудата треба да се објави веднаш по нејзиното изрекување, а ако тоа не е возможно, објавувањето може да се одложи најмногу за три дена, пренесе МИА.

Членката на Советот Сузана Јошевска-Анастасовска го презентираше извештајот за постапувањето на друг судија од Апелациониот суд Скопје во два предмети познати во јавноста.

За првиот предмет било утврдено дека настапила апсолутна застареност на 30 декември 2025 година, откако предметот бил пред Апелациониот суд речиси година и пол, во текот на кои биле закажани 16 јавни расправи.

Во вториот предмет, пак, застарувањето било избегнато само благодарение на итното постапување на Врховниот суд.

– Од тие причини се констатира дека постојат сомневања за несовесно постапување на судијата, бидејќи не сторил доволно напори предметот да биде завршен навремено, така што кривичниот прогон да не биде доведен во опасност од апсолутна застареност – рече Јошевска-Анастасовска.

По презентацијата на извештаите, членовите на Судскиот совет отворија дискусија дали работните групи треба да предлагаат конкретни мерки и заклучоци или нивната задача е само утврдување на фактичката состојба.

Дел од членовите сметаа дека извештаите треба да содржат конкретни предлози за понатамошно постапување, додека други посочија дека работните групи не можат да прејудицираат одговорност и дека иницирањето постапка е право на секој член на Советот поединечно.

И покрај дебатата, Судскиот совет на крајот ги усвои извештаите од извршените увиди.