Фото: Маја Јаневска Илиева

Влатко Кешишев, еден од обвинетите за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски го промени исказот кој претходно го дал во полиција.

Во писмена изјава преку затворот доставена до судот, Кешишев напишал дека Љупчо Палевски Палчо ниту на 22 ниту на 27 ноември лани, деновите на грабнувањето и убиствата на Вања и Панче, не бил со другите обвинети туку спиел во штабот на партијата Десна. Кешишев напишал дека згрешил што го послушал Велибор Манев и кажал дека Палчо бил со нив. Тврди дека само тој, Боре Видевски и Велибор Манев биле на местата на настаните и во Велес и во Скопје. Кешишев во изјавата напишал дека истиот ден откако Палевски заминал на пат, Велибор извршил притисок и му се заканувал, во полиција да каже дека Палчо организирал и пукал, а тие само слушале.

Неговиот адвокат не знаел за изјавата и не ја коментираше. Адвокатот на Видевски пак очекува соочување во судница.

– Тој има напишано некоја изјава но, не би сакал да ја коментирам содржината, бидејќи не знам дали ракописот е негов, дали потписот е негов, дали тој своеволно ја пишувал, не сакам да помислам, дека можеби некој го присилил или му се заканил, изјави адвокатот на Кешишев.

– Мислам дека не е совесно во ваков предмет еднаш да се изјавува едно, вторпат да се изјавува друго. Во понатамошниот тек од постапката ќе има соочување помеѓу сите нив – рече адвокатот на Видевски.

Следно рочиште за случајот е закажано за 25 ноември.