Мобилниот телефон како причина за одвлечено внимание на возачот, се јавува во 20-25 проценти од сите сообраќајни незгоди кај нас / Фото: Игор Бансколиев

Статистиката на светско ниво покажува дека 45 проценти од возачите користат мобилен телефон додека возат, а според истражувањата на РСБСП, во Македонија 63 проценти од возачите користеле мобилен телефон додека возеле. Универзитетска студија во САД проценува дека употребата на мобилен телефон за време на возењето резултира со околу 2.600 смртни случаи и 330.000 сериозни повреди годишно, а истражувањата на СЗО, пак, покажуваат дека употребата на мобилниот телефон ја зголемува опасноста од сообраќајна незгода од четири до девет пати

ПОРАЗУВАЧКИ ПОДАТОЦИ: ДУРИ 63 ПРОЦЕНТИ ВОЗАЧИ КОРИСТЕЛЕ МОБИЛЕН ТЕЛЕФОН ДОДЕКА ВОЗЕЛЕ

Мобилните телефони сѐ повеќе го окупираат нашето внимание, бидејќи тие не се само средство за разговор со соговорник туку и своевиден прозорец кон светот, преку кој можеме да комуницираме со која било точка на Земјината топка во реално време и да ги добиваме сите најнови информации, па дури и да гледаме филмови, да разменуваме видеоинсерти. Факт е дека денешницата е технолошки доста напредната и со самото тоа мобилниот телефон нѐ прави зависници од него, при што најчесто забораваме дека секогаш треба и мора да постојат граници. За сѐ постои време и место, па, така, и за користењето на мобилните уреди, кои честопати претставуваат опасност по животот на тие што ги користат. Најдрастичен пример за ваквата констатација е сообраќајот. Тука нема втора шанса, нема мала и голема грешка, туку само кобна или помалку кобна.

МОБИЛНИОТ ТЕЛЕФОН НЕ Е ЗА ВО АВТОМОБИЛ

Во сообраќајот кај нас, мобилниот телефон како причина за одвлечено внимание на возачот, според статистиките на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП), се јавува во 20-25 проценти од сите сообраќајни незгоди. Со развојот на технологијата, како што информираат од РСБСП, во наредните години се очекува оваа состојба дополнително да се влошува. Одвлеченото внимание е причина за голем број загинати и повредени лица во сообраќајни незгоди, за многу несреќни животни приказни испишани на патиштата и на улиците, за тажни човечки судбини.
– Многумина не можат да го замислат своето секојдневие без употреба на мобилен телефон, најчесто заради олеснета комуникација, функционалност, поефективно извршување на работните обврски и слично. И навистина, никој не може да ја оспори потребата од користењето мобилен телефон. Но развојот на технологијата и зголемувањето на нејзината достапност за употреба на секое место и во секоја ситуација не значат дека имате право да го правите тоа секогаш и секаде – велат од РСБСП.
Дека користењето мобилен телефон за време на управување со моторно возило е во пораст неодамна потврди и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, според кого, во последниов период, овој вид сообраќаен прекршок е во пораст.
– Изминатата 2021 година биле процесирани дури 1.617 такви прекршоци. Оваа година, од нејзиниот почеток, заклучно со крајот на септември, се санкционирани 2.128 возачи за користење мобилен телефон при возење. Порастот на бројката е резултат на рапидно зголемената активност на полицијата во санкционирањето за непочитување на сообраќајните правила и прописи – информира министерот.
Според него, евидентно е дека се соочуваме со еден нов и потенцијално многу опасен феномен, кој во согласност со статистиките и аналитичките согледувања претставува крајно сериозна закана, која резултира со човечки несреќи и трагедии.

КАКО ВЛИЈАЕ ТЕЛЕФОНОТ НА ВОЗАЧОТ?

Според многубројните истражувања посветени на оваа проблематика, користењето мобилен телефон има повеќекратно влијание врз возачот додека управува со моторно возило. Науката докажала дека мобилниот влијае на три начини – визуелно, когнитивно и со одвраќање на вниманието, а како последица на тоа, невнимателното возење е водечка причина за сообраќајни несреќи во светот.
Визуелното влијание на мобилниот телефон се однесува на фактот што му го одвлекува вниманието на возачот. Пишувањето пораки и гледањето во телефонот се само дел од негативните ефекти. Додека возачот гледа во телефонот, вниманието не му е фокусирано на патот и на условите на патот.
Когнитивното влијание на мобилниот телефон, всушност, го окупира умот на возачот. Мислењето на телефонот, на тоа кој ви ѕвони или ви пишува порака, го окупира умот, па возачот наместо да вози со активно размислување, тоа го прави механички, без посветено внимание на патот.
Одвраќање на вниманието е секоја ситуација што ќе го натера возачот да ги тргне рацете од воланот, а мобилниот телефон го прави токму тоа.
Како што укажуваат истражувањата, реакциите на возачот се дури двојно намалени додека користи мобилен телефон, а тоа значи дека при евентуална критична ситуација, тој ќе реагира двапати побавно отколку во нормални околности.

Употребата на мобилен телефон е казнива и по нашиот закон за безбедност на сообраќајот на патиштата

Како што потенцираат од РСБСП, сето ова укажува дека користењето мобилен телефон е ризично и опасно кога возите, но исто така не треба да се занемари дека телефонот е опасен и кога сте учесник во сообраќајот како пешак.
– Статистиката на светско ниво покажува дека 45 проценти од возачите користат мобилен телефон додека возат, а според нашите истражувања, во Македонија 63 проценти од возачите користеле мобилен телефон додека возеле. Универзитетска студија во САД проценува дека употребата на мобилни телефони за време на возењето резултира со околу 2.600 смртни случаи и 330.000 сериозни повреди годишно, а пак истражувањата на СЗО покажуваат дека употребата на мобилен телефон ја зголемува опасноста од сообраќајна незгода од четири до девет пати – информираат од РСБСП.
Според експертите, препораките се исти и важат насекаде во светот. Првенствено, кога возачот веќе мора да зборува на мобилен телефон, потребно е да застане на првото безбедно место за да може да разговара.
Употребата на мобилен телефон додека се управува со моторно возило е ризична, опасна и спротивна на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата. Возач што зборува или пишува пораки на мобилен телефон додека вози, се санкционира со 40 евра во денарска противвредност. Но, и покрај тоа, голем број возачи користат мобилен телефон додека управуваат возило и на тој начин го прекршуваат законот и ја загрозуваат безбедноста во сообраќајот.
– Не постои разговор на мобилниот телефон чија важност може да се спореди со пристигнувањето на посакуваната дестинација безбедно и со добро здравје.
Затоа, не користи мобилен телефон додека возиш! Секој повик може да почека!
РСБСП апелира: Кога возите, оставете го мобилниот телефон настрана. Животот, здравјето и безбедноста нека ви бидат секогаш на прво место – заклучуваат од РСБСП.

[email protected]


И зборувањето без држење на телефонот в рака може да ве чини скапо

Возачите прават повеќе грешки кога зборуваат на мобилен телефон отколку кога разговараат со патници, покажува новото истражување. Ова откритие се однесува на вообичаеното прашање дали одвлекувањето на вниманието на возачот доаѓа од употребата на мобилниот телефон конкретно или од разговорот генерално. Во декемвриското издание на Журналот за експериментална психологија, кој го објавува Американското психолошко здружение, можат да се прочитаат интересни согледувања во врска со ова прашање.
Дури и кога возачите користат мобилен телефон без да го држат во рацете, перформансите на возењето се значително загрозени.
– Разговорот на мобилниот телефон и разговорот со сопатниците се разликуваат по своето влијание врз перформансите на возачот; овие разлики се очигледни на оперативно, тактичко и стратегиско ниво на изведба – констатираа истражувачите.
Студијата, предводена од д-р Френк Друс од Универзитетот во Јута, ги анализираше перформансите на возењето во секој од трите експериментални услови (разговор на мобилен телефон без да се држи в раце, разговор во автомобил со сопатникот или без каков било разговор).
Возачите што зборувале на мобилен телефон возеле значително полошо од возачите што разговарале со сопатниците. Корисниците на мобилни телефони имале поголема веројатност да се движат по својата лента, држеле поголемо растојание помеѓу автомобилот пред себе и четири пати поголема веројатност да пропуштат да излезат од автопатот во делот за одмор. Разговорот со сопатниците едвај влијаел на сите три мерки. Тука треба да се додаде дека сопатниците имале активна улога во поддршката на возачот, честопати зборувајќи за околниот сообраќај. Таа споделена свест за ситуацијата може да биде корисна за возачот.