Фото: Принтскрин

Сите пациенти кои се лекуваат тука и надвор од државата се во стабилна и добра состојба, повеќето се подобруваат, а од вкупно 20 критични, 10 се потешки, но и тие се стабилни, надвор од животна опасност, соопшти денеска министерот за здравство Арбен Таравари.

Како што изјави Таравари, во државава се лекуваат 72 пациента, а надвор 101. Од оние што се лекуваат во земјава, тројца се вчера веќе испишани, а утре се планира да бидат испишани уште три.

– Од идната недела се надевам ќе ве известуваме за тоа колку пациенти го продолжуваат лекувањето дома и за такви што ќе се враќаат од странските држави – истакна Таравари.

Според него, од пациентите во државава, 34 се на Клинички центар, 15 се во ГОБ „8 Септември“, во Градската општа болница се хоспитализирани 11, а во Штип е еден пациент. Од приватните клиники, во „Сиситина“ се згрижени 7 пациенти и во „Жан Митрев“ 4.

– Надвор се 101 пациент, вчера се испратени помал број пациенти, денеска има понуди од повеќе држави, но ќе видиме, можеби максимум 10 да се испратат, а можеби и не – рече Таравари.