Обвинетиот за убиство, 74-годишниот штипјанец Денис Асанов, денеска пред Основниот суд во Штип го смени својот првичен исказ, тврдејќи дека не ја убил 79-годишната Борјанка Николова, туку ја затекнал мртва во неговиот дом, пренесе МИА.
Асанов сведочеше дека ја пронашол Николова падната во купатилото, со главата свртена кон подот, и дека сакал да го пријави случајот, но немал кредит на телефонот. Дополнително, изнесе и нови тврдења дека истата вечер бил нападнат од две непознати лица, кои му ставиле вреќа на глава, го врзале и почнале да копаат дупка во неговиот двор, а им се придружил и неговиот очув, кој му се заканил да молчи.
Пред судот, Асанов побара ослободителна пресуда, нагласувајќи дека никогаш во животот не извршил насилство. Тој изјави дека со жртвата се познавал кратко време и дека таа повремено престојувала кај него.
Од друга страна, вештото лице од судска медицина посочи дека обдукцијата покажала сериозни повреди – скршени осум ребра и оштетувања на градниот кош, кои укажуваат на силен притисок, најверојатно нанесен со колено. Телото на жртвата било пронајдено најмалку две недели по смртта, без глава и нозе, кои биле отстранети по смртта. Идентитетот бил потврден со ДНК анализа.
Судењето продолжува на 21 април, кога се очекуваат завршните зборови на одбраната и обвинителството.



































