Фото: Архива

Во тек е постапка за поставување на 200 камери на штипските улици и булевари, како и на игралиштата и околу градинките и училиштата најави денеска градоначалникот на општина Штип, Иван Јорданов. Средствата за видео-надзорот се обезбедени од општинскиот буџет.

Штипјани изминатите години се сведоци на вандализам, односно на искршени клупи, детски реквизити, урбана опрема во парковите, игралиштата и на пешачката патека покрај река Брегалница.

– Со поставувањето на камери и на видео надзор на јавни површини конечно ќе се санкционира се она коешто, како појава ни се случува со години наназад. Веќе сме во постапка за поставување на околу 200 камери и видео надзори со кои ќе бидат опфатени многу јавни површини. Паркови, градинки, училишта, сообраќајници, крстосници и ќе имаме видео надзор на голема површина на територијата на општина Штип. Верувам дека ова ќе користи за санкционирање на сите девијантни појави – изјави Јорданов.

Граѓаните ги уништуваат и поставените заштитни столпчиња по тротоарите, кои се поставени со цел да не се паркираат возила, како и автобуските постојки. Директорот на ЈП „Стипион“, Панче Стефановски, спас гледа во поставувањето на камери и видео надзор. Камери и видео надзор ќе се постави не само во централното градско подрачје, туку и во повеќе населени места во Штип, со цел да се зголеми свеста кај граѓаните и да се чува она што се поставува. Општина Штип на годишно ниво троши околу три милиони деанри за поправка на детски реквизити, канделабри и урбана опрема.