Во текот на изминатото деноноќие биле регистрирани шест одделни случаи на семејно насилство во повеќе градови низ државата, при што полицијата привела пет лица осомничени за физичко и психичко насилство – информираа од Министерство за внатрешни работи, пренесе МИА.
Во Гостивар, полициски службеници од ОВР Гостивар го лишиле од слобода 27-годишниот Ј.З. од селото Долна Бањица, по пријава од неговата 26-годишна сопруга. Според пријавеното, по меѓусебно недоразбирање тој упатувал закани кон нејзината мајка преку социјални мрежи.
Во Крива Паланка биле пријавени два случаи. Првиот се случил во 12:05 часот, кога полицијата го привела 18-годишниот Т.Д. поради физички напад врз неговиот татко. Во вториот случај, пријавен во 00:45 часот, приведен бил 49-годишниот Е.В.М., кој, според информациите, физички го нападнал 16-годишниот син на неговата сопруга.
Полициски службеници од Битола привеле 33-годишен жител на битолско село, по пријава дека во семејниот дом физички ја нападнал неговата 25-годишна сопруга.
Во Прилеп, 45-годишна жена пријавила дека нејзиниот сопруг Е.Ш. физички ја нападнал во нивниот дом.
Во Охрид, пак, полицијата го лишила од слобода 44-годишниот О.Л., кој според пријавата физички ја нападнал неговата невенчана сопруга, како и нивното малолетно дете.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување и документирање на сите случаи, по што против сторителите ќе бидат поднесени соодветни пријави.



































