Фото: Пиксабеј

Министерството за внатрешни работи во текот на вчерашниот ден регистрирало осум пријави за семејно насилство, а полициски службеници лишиле од слобода шест лица во Скопје, Росоман, Кичево и Виничко.

Во 00.05 часот на подрачјето на скопски Карпош, полицијата го уапсила М.Д. (52) од Скопје. Според пријавата, на 8 март околу 16.30 часот во семејниот дом упатувал закани кон својата 47-годишна сопруга, со која бил во бракоразводна постапка, како и кон нивниот 17-годишен син. Притоа го оштетил и мобилниот телефон на сопругата.

Во друг случај во Карпош, синоќа околу 23.00 часот, полицијата го привела З.З. (48) од Скопје, откако претходно физички ја нападнал својата 44-годишна сопруга и оштетил дел од покуќнината во домот.

Во СВР Скопје, 38-годишна жена пријавила дека во периодот од 6 до 8 март нејзиниот девер Г.В. (44) од Скопје преку мобилен телефон упатувал закани кон неа и кон членови на семејството.

Полицијата во Скопје го привела и А.И. (65), откако било пријавено дека околу 16.00 часот во семејниот дом физички ја нападнал својата 62-годишна сопруга, при што употребил тврд предмет.

Дополнително, 41-годишна жена пријавила дека околу 15.30 часот во Скопско била физички нападната од нејзиниот поранешен партнер З.Р.

Во Росоман, полициски службеници од ОВР Кавадарци во 21.20 часот лишиле од слобода 69-годишен жител на општината, кој претходно им се заканувал на својот 44-годишен син и снаа. При интервенцијата кај него биле измерени 1,40 промили алкохол во крвта. За случајот биле известени јавен обвинител и Центарот за социјални работи во Кавадарци.

Во Кичево, полицијата во 14.20 часот го уапсила Р.С. (37) од Кичево, поради сомнение дека претходно физички го нападнал својот татко во семејниот дом.

Во Виничко село, пак, во 16.00 часот бил приведен Б.Т. (58) од Виница. И покрај судска забрана да не се приближува на помалку од 100 метри и да не воспоставува контакт, тој на 7 и 8 март во повеќе наврати ја пресретнувал својата поранешна 65-годишна партнерка, ја вознемирувал и ѝ се заканувал. При приведувањето било утврдено дека е под дејство на алкохол, при што му биле измерени 3,30 промили алкохол во организмот.

Од МВР информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на сите случаи и најавуваат дека по нивното документирање против сторителите ќе бидат поднесени соодветни пријави, пренесе МИА.