Во изминатите 24 часа на подрачјето на повеќе градови во Македонија се евидентирани седум пријави за семејно насилство, а три лица се лишени од слобода – информираа од Министерство за внатрешни работи на Македонија, пренесува МИА.
Според информациите од полицијата, во село во струмичкиот регион, полициски службеници од СВР Струмица привеле 34-годишен маж и 29-годишна жена. Жената претходно пријавила дека во нивниот дом била физички нападната од сопругот, по што и тој пријавил дека бил нападнат од сопругата. Двајцата се задржани во Полициската станица во Струмица, а за случајот е известен јавен обвинител од Основно јавно обвинителство Струмица. По целосно документирање на настанот ќе следуваат соодветни поднесоци.
Во друг случај, полициски службеници од ОВР Кавадарци во 17.05 часот привеле 41-годишен жител на Кавадарци. Според пријавата, тој на својата 46-годишна партнерка не ѝ дозволувал да го напушти домот, ѝ се заканувал и ја влечел за рака. Лицето е задржано во полициска станица, за случајот е известен јавен обвинител и по неговото документирање ќе биде поднесена соодветна пријава.
Случај на семејно насилство е пријавен и во ОВР Кичево. На 15 март 2026 година во 01.47 часот било пријавено дека маж од кичевско село физички ја нападнал својата сопруга. По целосно расчистување на настанот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
Во СВР Скопје, на 15 март во 03.00 часот, 84-годишна жена пријавила дека претходниот ден во нивниот дом на подрачјето на Бит Пазар била физички нападната од нејзиниот сопруг, 87-годишен жител на Скопје, кој имал здравствени проблеми. Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.
Друг случај бил пријавен во 04.00 часот, кога 52-годишна жена пријавила дека во дом на подрачјето на Кисела Вода била физички нападната од нејзиниот сопруг, 57-годишен жител на Скопје. Надлежните служби работат на расчистување на настанот.
Во Прилеп, пак, во 20.10 часот 25-годишна жена пријавила дека била физички нападната од нејзината свекрва. Полицијата презема мерки за утврдување на сите околности.
Дополнително, на 14 март во 12.30 часот, 34-годишен маж пријавил дека претходниот ден во дом на подрачјето на Кисела Вода, каде престојувала неговата партнерка, бил физички нападнат од неа. Надлежните институции преземаат мерки за расчистување на случајот.

































