ФОТО:Пискабеј/илустрација

Високите температури знаат да предизвикаат големи несреќи и кај возилата. Пожарите што настануваат во автомобилите се посебно опасни, зашто многу брзо се шират

Недоволно одржување и екстремно високите надворешни температури на лето се двете главни причини за овогодинешните пожари на автомобили. Само во Штип изминатиот период имаше 14 пожари на патнички моторни возила и еден на товарно, кои очнале во инсталацијата. Пожарите не нанесуваат само материјални штети, туку и голем стрес, а претставува опасност по патниците во возилата. За тоа како да се превенираат ваквите инциденти разговаравме со Тони Бошковски, пожарникар и претседател на Синдикатот на пожарникари.

Вртете на 112! Ако е безбедно да се затвори боцата за плин

Високите температури знаат да предизвикаат големи несреќи и кај возилата. Пожарите што настануваат во автомобилите се посебно опасни, зашто, како што објаснуваат стручните лица, многу брзо се шират. Затоа е многу значајно да се остане смирен. Патниците кои ќе се најдат во немила ситуација не треба паночно да се обидуваат да вадат работи од возилото и да гасат, бидејќи огнените јазици лесно можат да ги зафатат и нив.

– Најчесто пожари во возила се случуваат поради неисправна електрична инсталација. Кај возилата што користат плин најчеста причина се доводните црева за бензин. Имено, возачите ретко ги возат возилата на бензин, па така цревата се сушат и се подложни на пукање – вели Бошковски.

Според него, доколку пожарот е во почетна фаза и во возилото има апарат за гасење на пожар, тогаш може да се направи обид за гаснење.

– Сепак, најдобро е да се повика противпожарна служба. Доколку возачот е во можност, добро е да го затвори вентилот на боцата за плин. Потоа, возачот и останатите патници треба да се тргнат на безбедно место и да ги чекаат пожарникарите и полицијата – вели Бошковски.

Според него, пожари избувнуваат и кај возилата на електричен погон и кај нив ситуацијата е малку покомплицирана.

– Важно е возачите на електрични возила да не се обидуваат сами да го гасат пожарот кај овие возила, бидејќи со овие возила на батерии, ситуацијата е малку покомплицирана. Во тој случај исто така треба веднаш да се јават во пожарна. Велам дека ситуцијата е малку покомплицирана затоа што се под постојан напон од батериите. Тие мора да се исклучат – вели Бошковски.

Задолжитено на редовен сервис

Сервисерите на возила ја истакнуваат важноста на редовниот сервис и велат дека граѓаните не се доволно дисциплинирани. Освен дисциплината, причина за тоа е беспарицата.

– Редовното сервисирање и одржување се клучни за безбедноста на автомобилот. Самозапалувањето на возилата е резултат на недоволното сервисирање на возилата. Кај нас и на технички преглед се носат неисправни возила. Или пак, доколку сопствениците имаат некој проблем со возилото, најчесто го камуфлираат само за да поминат на технички, а потоа, на ризик се впуштаат во сообраќај. Проблем е кај нас и тоа што преку пријатели сѐ се завршува, доволно е да „имаш човек“, па се пропуштаат возилата – вели сопственик на автосервис.

Лето е време и на годишни одмори, што често значи и подолги дестинации и поголема употреба и оптовареност на возилата. Нашиот соговорник алармира дека ако се суди според социјалните мрежи, само на пат кон Грција имало неколку запалени возила.

– Возење неисправно возило може да заврши со фатално. Стрмните места, патувањата по планини, каде се оптоварува возилото, во комбинација со неисправно возила може да биде еднакво на катастрофа, посебно кај оние возила што се на плин. Затоа и го истакнав редовниот сервис, но битно е и да се каже уреди за плин секогаш да се ставаат кај фирми кои се сертифицирани за тоа, т.е возачот да добие сертификат – вели тој.