Предупредување: Оставањето дете во автомобил, макар и на пет минути, може да биде кобно

Брзањето од едно до друго место со мали деца на високите температури честопати може да заврши катастрофално, особено ако родителите накратко ги остават своите деца во автомобил, за „накратко“ да завршат со некоја блиц-обврска. Ако надвор температурата на воздухот е 40 степени, во автомобил (накратко паркиран и со исклучен клима-уред) може за неколку минути да се искачи дури и за десет степени повисоко. Токму тоа претставува сериозна и животозагрозувачка околност за најмалите. За издвојување е информацијата од статистичките податоци што откриваат вчудовидувачка бројка од илјада деца што починале од топлотни бранови во автомобили во САД од 1990 година. Од таа бројка, 56 проценти од децата починале во инциденти поврзани со топлотни бранови, каде што децата „биле случајно оставени и заборавени во возилото“. Мнозинството деца, дури 87 проценти, што починале откако биле оставени во врели возила биле на возраст до три години, додека нешто повеќе од половина, 54 проценти, сѐ уште биле доенчиња…

Летниот период секогаш е проблематичен кога родителите мора да завршат некоја обврска со своите деца, бидејќи училишниот распуст е започнат, а иако градинките работат, сепак, многумина не ги носат своите деца таму, бидејќи сметаат дека летото е предвидено за распуст. Брзањето од едно до друго место со мали деца на високите температури честопати може да заврши катастрофално, особено ако родителите накратко ги остават своите деца во автомобил, за „накратко“ да завршат со некоја блиц-обврска. Ако надвор температурата на воздухот е 40 степени, во автомобил (накратко паркиран и со исклучен клима-уред) може за неколку минути да се искачи дури и за десет степени повисоко. Токму тоа претставува сериозна и животозагрозувачка околност за најмалите.

ТОПЛОТНИ УДАРИ ГИ ДЕМНАТ ДЕЦАТА

Воопшто не е мала бројката на родители што на високите летни температури ги оставиле своите деца во автомобил, по што, поради топлотен удар, децата завршиле во болница или, пак, го загубиле својот живот.
Во брзањето да се заврши некоја обврска со мали деца, секогаш треба да се има на ум дека децата никако не смеат да бидат оставени сами во возило, па дури и на пет минути.

Според статистиката, просечно, 38 дечиња умираат во врели и затоплени возила во летниот период секоја година во Америка, каде што ваквите случаи се и најчести. Тоа, според безбедносната организација „Кидс анд кар сејфти“, претставува една смрт на дете во девет дена. Оваа организација, заедно со „Адвокатите за автопат и автобезбедност“, го повикаа американското министерство за транспорт да вклучи одредби во Законот за инфраструктура за заштита на децата од вакви последици.
Застапниците на идејата укажуваат дека илјада деца починале од топлотни бранови во автомобили во САД од 1990 година, а 56 проценти од децата што починале во инциденти поврзани со топлотни бранови биле случајно оставени и заборавени во возило.

Мнозинството деца, дури 87 проценти, што починале откако биле оставени во врели возила биле на возраст до три години, додека нешто повеќе од половина, 54 проценти, сѐ уште биле доенчиња.

Експертите велат дека дури и да е отворен прозорецот од автомобилот, температурата во возилото може да достигне 52 Целзиусови степени за неколку минути, а 80 проценти од зголемувањето на температурата се случува во возилото во првите десет минути од престојот во паркиран автомобил.
– Детското тело се прегрева од три до пет пати побрзо од телото на возрасно лице, што резултира со неповратно оштетување, кое настанува во рок од неколку минути – велат експертите.

Според нив, од исклучителна важност е родителите да го проверуваат своето возило секогаш и во брзањето да завршат некоја работа, да не забораваат на своите деца. Во тој контекст, дури советуваат, кога одите со деца некаде, да оставите телефон или паричник на задните седишта, за, кога ќе треба да излезете од возилото, да мора да се завртите назад и на тој начин да не ги заборавите децата внатре.

ЕДЕН СЛУЧАЈ ВО МАКЕДОНИЈА

Иако ваквите случаи на заборавање деца во автомобили се најчести во Соединетите Американски Држави, пред само неколку години, јавноста во Македонија беше згрозена од случај на оставање малолетни деца сами во автомобил на високи температури.

Во 2019 година, на паркинг на булеварот Видое Смилевски-Бато, беше пријавено дека во возило биле заклучени две малолетни деца.
Министерството за внатрешни работи тогаш изјави дека полициските службеници веднаш излегле на терен и ги извадиле децата, кои потоа биле однесени на скопските клиники.

За среќа, децата беа во добра здравствена состојба. Едното на седум, другото на четиригодишна возраст биле лесно дехидрирани и видно исплашени.
По овој случај, јавноста беше згрозена, некои од граѓаните дури бараа ваквото однесување да се третира како обид за убиство, за родителите да внимаваат на сопствените деца.
– Не ми е јасно како може да заборават дете во автомобил, како родител имате обврска да се грижите за тоа дете. Иако е ваше дете, тоа не барало да се роди и токму затоа обврската да порасне во здрава и права возрасна личност им припаѓа на родителите. И таквото неодговорно однесување треба најостро да се санкционира.

Само на тој начин никому нема да му текне да остави дете во возило на 60 степени, па дури ни на пет минути – вели Славица Андреевска, мајка на две малолетни деца.
Таа додава дека нема оправдување за вакво нешто, особено за оние што ги забораваат децата бидејќи тие се бучни и не постои начин да се заборават во автомобил.
– Може намерно да бидат оставени во возило, но не можам да разберам како некој си го заборава детето во автомобил – вели таа.