Министерството за внатрешни работи распиша меѓународни потерници за поранешниот вицепремиер Артан Груби и директорот на „Државна лотарија“ Перпарим Бајрами кои се товарат за проневера на околу осум милиони евра од Државна лотарија.

Јавното обвинителство вчера соопшти дека ќе побара од Министерството за внатрешни работи да распише потерница по овие две лица на кои Основноот кривичен суд им определи мерка притвор од 30 дена.

Двете лица се недостапни за органите на прогонот.

Груби во неделата преку објава на Фејсбук напиша дека е во приватна посета на Косово и дека за тоа е известено неговото лично полициско обезбедување.

– Денеска патував за приватна посета. Ве молам, немојте да измислувате и шпекулирате. Редовно патував со моите патни исправи и за ова е известено и моето лично полициско обезбедување – напиша Груби во објавата.

Премиерот Христијан Мицкоски во понеделникот во гостување на ТВ21, откри дека Груби со дипломатско возило со еден стопанственик заминал за Косово.

– Моите информации се дека поранешниот директор на Државна Лотарија подолго време не е во земјата. Додека, поранешниот вицепремиер во текот на вчерашниот ден со еден стопанственик, со возило со дипломатски таблици ја напуштил Македонија и се упатил кон нашиот северен сосед Косово – рече Мицкоски.

Според извори на телевизија „Телма“, Груби ја напуштил државата со возило на Арсим Папранику, успешен бизнисмен во регионот и сопственик на Нептун.

Во врска со истрагата за проневера во Државна лотарија, како што информираше на прес-конференција министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, осомничени се повеќе лица, меѓу кои поранешен премиер и прв вицепремиер, поранешен генерален секретар и државни службеници.

– Постапено е по кривична пријава којашто на 13.12.2024 година од страна на Одделот за сузбивање на Организиран криминал и корупција, Сектор за криминалистички истраги и единица за корупција против осум физички лица, од кои едниот е поранешен премиер, едниот е поранешен вицепремиер, едниот е поранешен директор на едно правно лице и едниот е поранешен Генерален секретар, останатите се државни службеници, коишто работат во рамките на едно од правните лица. Во оваа фаза постои сомнение дека истите сториле повеќе кривични дела, коишто на крајот имаат доведено до поголема штета на буџетот на македонските граѓани – рече Тошковски.