Поранешниот владин секретар Драги Рашковски купил систем за биометриска идентификација, за да евидентира работно време на Генералниот секретаријат (пр. со отпечаток од прст), иако имал укажување дека Законот за заштита на личните податоци дека обработка на биометриски податоци се дозволува само во исклучителни ситуации. Ова го посведочи поранешниот директор на Дирекцијата за заштита на лични податоци, Горан Трајковски. Уште кога Рашковски го набавувал софтверот, добил известување во кое било посочено да внимава на овој Закон. Евидентирање на работно време на вработени со биометрија, има само во одредени случаи.
– Согласно во тој период Законот за заштита на личните податоци, домашната пракса, сите искуства од меѓународно ниво, општ став е дека за биометријата постојат најригорозни ограничувања и се даваат во исклучителни ситуации, се даваат за одредени патогени од јавното здравје и останати дејности каде може да дојде до масовно загрозување на јавното здравје, во такви случаи може да се даде одобрение за употреба на биометрија – додаде Трајковски.
Тој беше прашан од обвинителката Ивана Трајкова, дали Рашковски смеел да евидентира време со биометриски податок.
– Во ниту еден субјект кој е работодавец, не може со биометрија да се врши евиденција на работно време. Ниту во Генералниот секретаријат, ниту во Македонија, ниту било каде во светот – истакна Трајковски.
Сведокот додаде дека известување било испратено уште во моментот кога се набавувал системот.
– Во редовните активности на Дирекцијата со цел превентивно делување во делот на заштита на личните податоци, службите редовно ги следат сите јавни огласи и во сите каде има акцент за лични податоци, во рамки на своите надлежности, Агенцијата дава известување во кој навестува дека органот да води сметка на одредбите од Законот за заштита на лични податоци, со цел, ако дојде до реализација на јавната набавка, да не дојде во колизија со Законот за заштита на личните податоци – посочи Трајковски.
Рашковски пак, имаше замерки за сведочењето на Трајковски, при што кажа дека тој не е експерт за да зборува за заштита на лични податоци. Трајковски пред судот, предочил лично мислење, смета обвинетиот.
– Не сте експерт за заштита на личните податоци, судот треба да прибарува експертско мислење – кажа Рашковски.
Потоа Рашковски цитираше членови од закони за да го убеди Трајковски дека греши. Посочуваше дека законите дозволуваат обработка на лични податоци.
– Не би го коментирал Законот од 2020, не сум бил во областа на заштитата на лични податоци во тој период, ниту сум бил тогаш на функција, тоа не е периодот за кој сум повикан – кажа Трајковски.
Рашковски го обвини Трајковски дека лаже кога вели дека ниту во светот не се евидентира работно време со биометриски податоци.
– Лага е, ќе кажам дека лажете. Лажете дека никаде во свет биометриски податоци не се обработуваат поради евидентирање на работно време – кажа Рашковски и праша дали останува на истиот став.
Трајковски имаше одговор на тврдењата на Рашковски.
– На сите меѓународни настани, на тема биометрија, потенцирано е во кои случаи се прават исклучоци. Доколку станува збор за лабораторија со вируси – да. Доколку некој работи во администрација – сигурно не му се обработуваат биометриски податоци – кажа сведокот.
Рашковски реагираше дека ниту Обвинителството не знае дали системот ќе се користи за евидентирање на работно време.
– Давањето на лични ставови, судењето ќе стане дебатна емисија, во која не смеат да произлезат судски одлуки. Ова е направено за да излегуваат наслови во портали. Со тоа што, како процес, ниту некаде е наведено зошто овој систем ќе се користи, сега гледаме претумбување, гледаме дека е систем кој ќе се користи за работно време, а Русковска збореше за систем за издавање на лични карти, пасоши… Обвинителството не е запознаено за што ќе се користи. Прашањето дали може да се користи за работно време, тоа е непоткрепено – кажа Рашковски.