Основното јавно обвинителство Кавадарци донесе Наредба за спроведување истражна постапка против три лица осомничени дека како соизвршители сториле кривично дело „Тешка телесна повреда со смртни последици“, согласно член 131 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Осомничените, двајца 27-годишници и еден 35-годишник, на 27 август околу 5 часот наутро имале вербална расправија со оштетениот во казино во Кавадарци. По расправијата излегле надвор, каде што физички го нападнале и го удирале со боксови и клоци по телото и главата. Оштетениот се обидел да се врати во казиното, но изгубил свест и починал од нанесените тешки повреди.
Во текот на истражната постапка ќе се обезбедат сите потребни докази, како и психијатриско вештачење на осомничените. Доколку се утврди дека тие имале свест и намера да го лишат од живот оштетениот, можно е делото да се преквалификува во убиство.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка поднесе предлог за определување мерка притвор за тројцата, поради опасност од бегство. Тоа го поткрепува и нивното однесување веднаш по настанот, бидејќи наместо да се пријават во полиција, се повлекле во стан на едниот од осомничените. Обвинителството оцени дека притворот е неопходен за непречено водење на постапката и обезбедување на доказите.