Дваесет и шестгодишниот И.Е од Скопје е лишен од слобода откако во возилото со кое управувал се пронајдени 10 килограми кокаин. За него ќе биде предложена мерка притвор, а бидејќи станува збор за големо количество дрога, јавниот обвинител издава повеќе наредби со цел испитување на потеклото на кокаинот и неговата крајна дестинација, како и можни други инволвирани лица.
-На 31.12.2025 година околу 14:30 часот во село Горно Количани, скопско, од страна на полициски службеници од Единицата за недозволена трговија при СВР Скопје било сопрено патничко возило „бмв х5“ со скопски регистарски ознаки управувано од И.Е.(26) од Скопје. Поради постоење на основи на сомнение за сторено кривично дело по член 215 од Кривичниот законик возило е одземено за понатамошна проверка. На 01.01.2026 полициски службеници од Единицата за недозволена трговија при СВР Скопје во координација со полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при МВР, службеници од Царинската управа со службено куче по претходно обезбедена судска наредба извршија претрес во возилото, при што во импровизиран бункер во подвозјето на возилото пронајдени се и одземени околу 10 килограми кокаин – информира денеска МВР.
Оттаму додаваат дека И.Е. е лишен од слобода и по целосно документирање на случајот ќе биде поднесена кривична пријава.
Од Републичкото јавно обвинителство соопштуваат дека акцијата била координирана акција межу Основното јавно обвинителство Скопје и Министерството за внатрешни работи.
-Автомобилот бил сопрен во селото Горно Количани, по што јавниот обвинител од судија на претходна постапка обезбеди наредба за детален претрес и во импровизиран бункер во подвозјето на возилото беше пронајдена дрогата. Основното јавно обвинителство Скопје поведе истражна постапка против 26-годишникот кој го управувал автомобилот за кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 од Кривичниот законик. За осомничениот ќе биде предложена мерка притвор поради опасност од бегство, можност за влијание врз сведоци и соучесници, како и веројатност да продолжи да врши кривични дела – соопштија од Обвинителството.
Појаснуваат дека бидејќи станува збор за големо количество дрога, јавниот обвинител издава повеќе наредби со цел испитување на потеклото на кокаинот и неговата крајна дестинација, како и можни други инволвирани лица.


































