фото: Маја јаневска-Илиева

Со сослушување на сведоци предложени од Јавно обвинителство, денеска во судницата во Идризово продолжува судскиот процес за пожарот во дискотеката Пулс во Кочани, пренесе МИА.

На претходното рочиште сведочеа членови на бендот ДНК и преживеани посетители на клубот, кои ги раскажаа настаните од ноќта на 16 март минатата година, кога во пожарот животот го загубија 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.

Како сведок исказ даде придружниот вокал Ана Костадиновска. Одговарајќи на прашања од обвинителството и од одбраната за тоа кој ги поставил и активирал пиротехничките прскалки, таа изјави дека нема сознанија за тоа и дека никогаш не видела кој ги поставува во клубовите каде што настапувале со групата. Според неа, можно е тоа да било задача на техничко лице од клубот.

Опишувајќи го моментот кога избувнал пожарот, Костадиновска рече дека кратко по почетокот на настапот почувствувала топлина, а вокалот Панчо ги повикал присутните да ја напуштат салата. Сепак, како што наведе, во првиот момент малкумина сфатиле дека станува збор за сериозна опасност.

Сведочеше и музичарот Горан Тонев, кој соработувал со бендот како надворешен член. Тој изјави дека пиротехничките средства биле поставени уште пред тие да се качат на сцената, но дека не знае кој ги поставил ниту кој ги активирал. Во своето сведочење опиша дека огнот се проширил многу брзо, проследен со густ чад во просторот.

Двајца преживеани посетители на клубот сведочеа дека по активирањето на прскалките се запалил дел од таванот, по што настанала паника и метеж додека луѓето се обидувале да стигнат до излезите.

Судењето се одвива под засилени безбедносни мерки, во присуство на обвинетите, семејствата на жртвите и јавноста. Постапката се води против повеќе од 30 физички и три правни лица, осомничени за тешки дела против општата сигурност.

Процесот го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, а со денешното рочиште продолжува доказната постапка со сослушување нови сведоци предложени од обвинителството.