Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во Основниот кривичен суд Скопје продолжи судењето за двојното убиство на малолетната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски со испитување на сведоци на предлог на обвинителството. Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес на 3 декември 2023 година.

Сведокот Гоце Трајковски, кој требаше да сведочи денеска во врска со двете убиства, не е достапен за органите на прогонот и не бил најден на пријавената адреса. Адвокатот Владимир Туфегџиќ побара да се прочита исказот на Трајковски даден во истрагата, но судијата Ивица Стефановски рече дека Судот ќе се обиде да го обезбеди сведокот, па сите ќе се изјаснат понатаму.

Денеска сведочеше Елвис Ибрахим, полицаец од Полициската станица Чаир, кој бил присутен при извршувањето на претресот во селото Глуво, на имотот на Баже Палевски, брат на првоообвинетиот Љупчо Палевски Палчо. Тој рече дека при претресот биле одземени лаптоп, таблет и мобилен телефон ајфон. Ибрахим сведочеше дека при претресот никој не извршил повик на телефонот на убиената Вања Ѓорчевска.

На прашање на обвинителката дали инспекторот забележал дали некој од присутните во куќата токму тогаш звонел на телефонот на девојчето Вања, инспекторот рече дека тој и неговите колеги не забележале дека некој од присутните остварил телефонски повик. Претресот бил извршен на 3 декември минатата година, поточно кога беа пронајдени телата на Вања и Панче.

-Никој не вртел на телефонот на Вања. Не е забележано такво нешто од наша страна – рече сведокот.

Од дополнителните прашања од одбраната се сфати дека ваков телефонски повик бил извршен од телефонот на братот на Палевски, но сведокот неколку пати повтори дека не забележале некој да се јавува. Тој појасни дека за истата околност за време на истрагата биле повикани во Обвинителството, но и таму го кажал истото. Забележале само дека братот на Палевски свртел на адвокат.

Истите одговори ги даде и другиот полициски инспектор.

Обвинетиот Палевски даде приговор на ваквото сведочење, потенцирајќи дека полицијата завртела на бројот на Вања, а неговиот брат не ни бил повикан од Обвинителатвото за да сведочи.

На првото одржано рочиште обвинетите Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов, како и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски се произнесоа дека не се чувствуваат за виновни. Според обвинението, тие заедно испланирале грабнување на 14-годишното девојче со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп. Додека, грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес било со намера да го присилат да им го даде сопственото возило „Ситроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.

Судењето го води судијата Ивица Стефановски, а застапник на обвинението е обвинителката Жаклина Крстевска.