Полицијата приведе 25-годишен жител на Скопје осомничен за физички напад, силување и упатување закани кон 22-годишна девојка со која претходно се запознал, информира Министерството за внатрешни работи.
Според полицијата, лицето Е.А. (25) било лишено од слобода вчера во 16.55 часот на подрачјето на општина Гази Баба, по пријава дека на 23 февруари во неговиот дом физички ја нападнал девојката, која допатувала од Германија.
Како што соопшти МВР, осомничениот извршил обљуба врз неа и воедно ѝ упатувал закани, а во периодот додека престојувала во неговиот дом не ѝ дозволувал да излегува сама и ѝ го одзел мобилниот телефон.
На 4 март, девојката успеала телефонски да ја контактира својата мајка, по што таа го пријавила случајот во полиција. Полициски екипи веднаш излегле на посочената адреса и по извршената проценка на ризик презеле соодветни мерки.
За случајот е известен и јавен обвинител, а од Министерството за внатрешни работи најавија дека по целосно документирање на настанот ќе биде поднесена соодветна кривична пријава по брза постапка.
































