Фото: Маја Јаневска-Илиева / Илустрација

Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 21-годишник, под сомнение дека сторил „други полови дејствија“ кон 19-годишна девојка.

Како што соопшти Обвинителството, на 14 јануари девојката влегла во трговски центар и додека плаќала на една од касите ја забележал осомничениот кој пазарел во истата продавница. Ја следел извесно време додека девојката влегла во зграда во близина на трговскиот центар. Во влезот ја нападнал и започнал да ја допира. Жртвата се спротивставила и почнала да вика, по што осомничениот ја ослободил и избегал. Полицијата го пронашла и го лишила од слобода неколку дена подоцна.

Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерки на претпазливост – одземање на патна и друга исправа за преминување на државната граница, обврска осомничениот да се јавува кај определено службено лице во судот и забрана да се приближува или да контактира со жртвата.