Полициски службеници од Мобилната единица за безбедност на сообраќајот на патиштата на 8 март околу 7.20 часот го лишиле од слобода Б.З.(25) од село Мојанци, општина Арачиново кој, како што информира МВР, „бил баран по потерница за издржување мерка притвор за сторено кривично дело по член 123 во врска со член 19 во врска со член 22 од Кривичниот законик“.
На локалниот пат Арачиново – населба Ченто тој управувал со патничко возило „јaryаp“ со скопски регистарски ознаки, не застанал на знак за запирање, даден од полициски службеници и продолжил со движење на автопатот кон Тетово.
-Потоа кај клучката Стајковци со возилото удрил во товарно возило „нисан“ со кумановски регистарски ознаки и набргу потоа бил фатен и приведен во полициска станица. Лицето било спроведено во Казнено-поправната установа Затвор Скопје за издржување на мерката притвор – информира денеска Министерството за внатрешни работи.
Мерката притвор на Б.З. му била определена во отсуство за кривично дело што го извршил на 5 октомври 2024.
-На 5 октомври 2024, на улица „Цветан Димов“ во Скопје, Б.Б. од Скопје од огнено оружје пукал кон А.Б. од Скопје и му нанел прострелна рана, по што Б.З. му помогнал со возило да го напушти местото. На 1 ноември 2024 против двајцата е поднесена кривична пријава, а во отсуство на Б.З. му била определена мерката притвор – се наведува во соопштението на МВР.