Основниот кривичен суд Скопје го прифати предлогот на Основното јавно обвинителство Скопје и определи мерка притвор од 30 дена за двајца раководители од ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје, поради основано сомнение за кривично дело „Загрозување на животната средина и природата со отпад“ од член 230 став 1 од Кривичниот законик.
Притворот е изречен за Сабахадин Рустеми, в.д. директор на претпријатието, и Аки Саити, управител за отпад, поради опасност од влијание врз сведоци и можност за повторување на делото.
Според обвинителството, осомничените постапиле спротивно на Законот за управување со отпад и на обврските од Оперативната програма за собирање и транспортирање на комунален отпад, што резултирало со создавање мали депонии на јавни и сообраќајни површини во Скопје.
Вонредните инспекциски надзори и експертското мислење од Институтот за јавно здравје потврдиле дека ваквото управување со отпадот предизвикало оштетување на почвата, воздухот и водата, со потенцијална опасност по здравјето на граѓаните.




































