Притвор во траење од 30 денови им е одреден на четирите лица кои беа уапсени во полициска акција што вчера утрото била спроведена во Струга и во Гостивар уапсени се четири лица поради основано сомнение дека планирале во иднина да организираат одредени несакани настани кои би можеле да ја загрозат безбедноста како на Македонија, така и на други држави.
-Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по предлог на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција за определување мерки за обезбедување присуство против 4 лица, осомничени за кривичното дело Терористичка организација од чл. 394 – а од КЗ, донесе решенија со кои го прифати предлогот на ОЈО ГОКК и на сите четири лица кои, утрово беа спроведени во судот, им определи мерка притвор во траење од 30 дена – информираат денеска од Основниот кривичен суд во Скопје.
Согласно решенијата за притвор, според Судот, постојат основани сомненија од чл. 165 ст.1 т.1 и т.2 Односно Опасност дека осомничените може да се дадат во бегство и Опасност истите да ја попречат истрагата со влијание на сведоци, па заради тоа и е определена мерката притвор.
Од Судот појаснуваат дека против овие решенија странките имаат правно на жалба пред Кривичниот совет.
Вчера министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, информираше дека се уапсени овие четири лица.
– Тие, во соработка со лица кои не се на територијата на Македонија, подолг временски период се следат од страна на надлежните безбедносни органи и во соработка со меѓународните пријатели е координирано постапено. Имаме доста докази во насока на поткрепено основано сомнение дека овие лица постапувале во насока да организираат во иднина одредени несакани настани кои би можеле да ја загрозат безбедноста како на Македонија, така и на други држави. Нивната цел била да индоктринираат останати луѓе од Балканот кои би можеле да делуваат соодветно во насока на реализација на нивните цели – рече Тошковски.
Тој додаде дека кривичното дело за кое е поднесена пријава е терористичка организација, а оти во однос на мотивите имаат основани сомненија дека се поврзани со одредени групации кои се во поддршка на одредени екстремистички и религиозни групи.