Кривичниот совет при прилепскиот Основен суд ги отфрли жалбите и им го потврди притворот до 30 дена на шесте осомничени за случајот со прилепската болница. Осомничените, четворица од болницата и двајца надворешни, остануваат во притвор во Битола и во Шутка.
Бранителот на еден од осомничените, адвокатот Жаре Стеваноски нагласи дека со жалбата ги побиле сите наводи на Обвинителството и смета дека нема основа за притвор, зашто сите цела година во предистражната постапка биле достапни и соработувале.
-Станува збор за класична злоупотреба на приницпот за хиерархија од јавното обвинителство,зашто,во конкретниот предмет уште пред една година е отворена предистрага по наредба на обвинителството. И во таа годинасите, без исклучок и осомничени, сведоци, вработени се повикувани во Управата за финансиска полиција, имаат давано свои искази, уште пред половина година се вршени претреси по домовите на дел од осомничените, и тие отворено соработуваа со јавното обвинителство и со Управата за финансика полиција. Со оваа жалба ги побиваме, практично, двата основи по кои беше определена мерката притвор, тоа е опасност од бегство и влијание врз сведоци и вештаци. Овие основи отпадна уште минатата година, зашто осомничените знаеја дека се води истрага, беа достапни на органите за прогон, учествуваа активно во истрагата – изјави Стеваноски.
Прилепското Основно обвинителство спроведува истрага за вкупно 32, од кои 7 правни лица, осомничени за повеќе кривични дела, меѓу кои злоупотреби при јавни набавки, злоупотреба на службената положба и за фалсификување и уништување деловни книги со што е оштетен буџетот на болницата за околу 700.000 евра.
Против 19 лица има мерка за претпазливост, а за 7 фирми од повеќе градови, забрана при постапки за јавни набавки.
Инаку, во прилепската Болница со општа надлежност „Борка Талески“, според информациите од раководството, долгот на институцијата е преполовен и болницата е ликвидна.
– Долгото што го наследивме како ново раководство беше 193 милиона денари. Сега е преполовен, имаме обврски од околу 100 милиона денари, но болницата е ликвидна. Нема никакви проблеми со здравствената услуга за сите пациенти. Постепено настојуваме кадровски да се екипираме со специјалисти во сите одделенија – вели директорот Кире Јоноски.







































