Фото: Фејсбук/ДНК

Утрово, по седум месечно лекување, престана да чука срцето на Владимир Блажев-Панчо. Тој беше тешко повреден на 16 март, во пожарот во дискотеката Пулс“ во Кочани, во кој загина и Андреј Ѓорѓиески, со кого цели 20 години заедно настапуваа во дуото ДНК“. Последниот нивни концерт во Кочани беше фатален за скоро сите придружни членови на групата. Вкупниот број на жртвите од таа кобна ноќ е 63, а 200 беа тешко повредени.

Панчо (46), почина во болницата каде што се лекуваше.

Панчо и Андреј, изградија успешна кариера, а дуото ДНК“ сними многу хитови и одржа бројни концерти во земјава, меѓу кој беше и јубилејниот, по повод 20 години кариера, кога ја наполнија салата Борис Трајковски“ во Скопје. Нивниот последен голем хит беше песната Ако утре ме нема“. Панчо и Андреј беа познати и по нивната голема колегијалност и хуманост. Постојано организираа акции за помош на граѓаните на кои тоа им беше потребно. М.Т.


 

„Нѐ скрши Пане мој“

Соработниците, пријателите и естрадата на социјалните мрежи се простуваат од Владимир Блажев- Панчо. 

Каролина Гочева, пејачка

Пане мој, другар и брат, срце планина, неизмерно ќе ми фалиш и секогаш ќе те сакам.“

Тамара Тодевска, пејачка

Не беше овој свет за тебе, не е ова место за луѓе со премногу љубов, добрина и талент. Ти од сѐ ова имаше во неизмерни количини и сакам да верувам дека одиш на подобро место. Многу дружби, спомени, концерти, снимања… Многу смеење, музика и емоции… Горда сум што имав брат како тебе, другар за цел живот, колега кој знаеше да ме критикува, пофали, советува… Патувај мирно Џуџе. Секогаш ќе те сакам – напиша Тодевска.“

Андријана Јаневска, пејачка

Патувај, душо убава.“

Сергеј Четковиќ, пејач

Добар пријателе мој. Од првиот ден те гледав како брат. Знаеш кога луѓето се препознаваат на прв поглед, како да ги познаваш цел живот. Твојата љубезност, насмевка, љубов, ентузијазам и сила ме воодушевуваа на секоја средба и ме охрабруваа за секој нов ден. Имавме многу планови, идеи… Толку многу да правиме, да раскажуваме, да создаваме… Патувај, брате мој, одмори се. Нека ангелите те водат на подобро место и нека Господ ти го подари Рајот! Те сака твојот брат.“

Ана Костадиновска, придружниот вокал на ДНК

Ме скрши, Пане мој“.

Елена Ристеска, пејачка

Ах бре Пане, ме скрши на милион парчиња! Не стигнав да ти кажам колку те сакам, а си замина!!! Останаа недоречени многу работи! Не знаев дека волку ќе боли како за роден брат! Ми беше брат кој никогаш го немав! Со кого сега да се смеам, кога нашите шали само ние си ги разбиравме!?Со кого сега да седам на клупи во маало и да си зборувам со саати?!

Од правење друштво во диско дур пушташ музика- до одење на литургија заедно. Спотови, дуети, турнеи, концерти…Се прејадувавме со бајадери додека се возевме.Се лутевме еден на друг понекогаш како прави брат и сестра. Со жар и возбуда ми ја пушташе секоја нова песна, последно ми пушташе идеи за дует наш со ДНК кој никогаш не го снимивме!

Со кого сега да споделувам нешто што го имав само со тебе!? Ах,Бате мој, “Како да се радувам јас кога те нема?. До следно видување, таму горе, каде нема вакви неправди и болка.“

Наум Петрески, пејач

Патувај со светлината таму каде што нема неправди, те чека целата екипа. Таман помислив дека барем ти се извлече од огнената стихија, но не издржа премногу болка и физичка и душевна. Ќе ве паметам вечно. Сочуство до фамилијата“.

Дани Димитровска, пејачка

„Куме, засекогаш ќе бидеш дел од нас.“

Група Нокаут

„Од тој кобен ден во Кочани, тагата не нѐ напушта. Летај високо Панчо другар наш, сцената никогаш нема да биде иста без тебе. Со љубов и почит, група НОКАУТ.“

Калиопи

„Зарем срцето можеше да издржи после сѐ… Многу тажно….многу…Збогум Панчо…“

Дарио Панковски, пејач

„Фалите и ќе фалите премногу!

Моите драги “мали скопски пешкирчиња” со џиновски срца, моите драги пријатели и колеги за респект. Имавме и заедничка песна, ми гостувавте на “Безобразно лажам” која вели “безобразно лажам јас и дека не плачам…”

Е па сега веќе не лажам…плачам. Плачам за двајцата…Панчо и Андреј. ДНК нека живее засекогаш. Почивајте заедно во мир драги мои пријателчиња. Вечна Ви слава!“