Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство потврдија дека во тек е координирана акција за обезбедување докази во предмет поврзан со детска порнографија.
Од Обвинителството информираат дека Основното јавно обвинителство Скопје обезбедило судски наредби за претреси и дека во соработка со полицијата се преземаат активности во рамки на истрагата.
– Повеќе детали во оваа фаза не можат да се споделат – соопштија од обвинителството.
Од МВР наведуваат дека постапуваат по издадени наредби и во координација со обвинителството работат на прибирање докази.
Според првичните информации, акцијата ја спроведува Секторот за компјутерски криминал при Бирото за јавна безбедност, во соработка со одделенијата за компјутерски криминал при СВР Битола, СВР Охрид и СВР Струмица.
Во рамки на операцијата биле извршени претреси на седум локации, при што се обезбедуваат материјали и електронски уреди поврзани со сомнение за кривично дело „производство и дистрибуција на детска порнографија“ согласно Кривичниот законик.
Од полицијата посочуваат дека одземената компјутерска опрема и податоци ќе бидат предмет на понатамошна анализа во текот на истражната постапка.

































