Фото: Принтскрин

Полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција и ОВР Гостивар, во содејство со Комисијата за оценување на исполнувањето на условите во однос на простор, опрема и кадар за добивање одобрение за одгледување на канабис за медицински цели при Министерството за здравство, вчера по претходно добиена наредба од Основен суд Гостивар, извршиле претрес и вонредна контрола во правно лице кое поседува одобрение за одгледување на канабис за медицински цели, сопственост на А.К.(52) од Република Албанија и А.Р. од Босна и Херцеговина.

МВР денеска соопшти дека претресот и контролата во објектот биле извршени во присуство на едниот сопственик и управител А.К. и вработениот Џ.И.(39) од Република Словенија, со постојано живеалиште во тетовското село Горно Седларце, и притоа биле утврдени низа неправилности во однос на процесот на одгледување на растението канабис, што е спротивно на Законот за контрола на опојни дроги, поради што постои сомнение дека производството на канабис било наменето за нелегалниот пазар.

– Исто така, беше утврдено дека во две хали се врши сушење на канабис, при што во една од халите се пронајдени девет пластични буриња исполнети со готов производ – сув цвет од канабис, за кои правното лице не поседува никаква документација. По насоки од јавен обвинител од ОЈО Гостивар пронајдениот канабис (растенијата и сувиот цвет) е одземен и предаден во Агенција за управување со одземен имот, додека сопственикот А.К. и вработениот Џ.И се лишени од слобода – соопшти МВР.

По комплетирање на целокупната документација, денеска од страна на ОВР Гостивар ќе им биде поднесена кривична пријава за сторено кривично дело по член 95-в од Закон за контрола на опојни дроги и психотропни супстанци и ќе бидат изведени пред Судија на претходна постапка од Основен суд Гостивар.