Од СВР Тетово информираат дека утрово во 9 часот и 20 минути кај нив било пријавено дека има прегазена и усмртена мечка на локалниот пат што ги поврзува тетовските села Селце и Вејце. Повеќе институции извршиле увид на местото.
– Засега непознато возило удрило и усмртило мечка. Извршен е увид на кој присуствувале и претставници од Националниот парк „Шар Планина“ и од Агенцијата за храна и ветеринарство. Се преземаат мерки за пронаоѓање на возилото кое ја усмртило мечката, информира Марјан Јосифоски, портпарол на СВР Тетово.
Во овој месец, октомври, ова е втор случај да биде усмртена мечка во сообраќајна несреќа. Тоа на 5 октомври се случи на регионалниот пат Тетово-Јажинце, кај Доброште при што немаше повредени луѓе. Несреќата се случила кај Доброште.
На истиот пат Тетово-Јажинце кај Доброште и на 14 јули годинава се случи сообраќајна несреќа во која беше прегазена и усмртена мечка. Тогаш учествувале две патнички моторни возила, при што беа повредени двајцата возачи.