Фото: Маја Јаневска-Илиева / Илустрација

Пожари во Скопје зафатиле четири возила, продажни објекти, станбена зграда, доцна синоќа и рано изутринава.

Од Министерството за внатрешни работи информираа попладнево дека во 23.07 часот синоќа, во Секторот за внатрешни работи – Скопје било пријавено дека на паркинг – простор на булеварот „11 Октомври“, опожарено било патничко возило „бмв“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на правно лице. Од огнот биле зафатени и патничко возило „цитроен“ со скопски регистарски ознаки, како и дел од продажен објект.

Денеска во 3.47 часот во СВР – Скопје било пријавено дека на улицата „Дичо Петров“ во градот, опожарено било патничко возило „ренџ ровер“ со словачки национални ознаки, сопственост на В.Д., 41-годишно лице од Скопје. Зафатени биле и патничко возило „голф“ со бугарски национални ознаки, како и дел од фасада од станбена зграда и дел од продажен објект.

Од страна на Бригадата за противпожарна заштита, пожарите биле изгаснати. Повредени лица нема, извршени биле увиди. Се преземаат мерки за расчистување на случаите.