Фото: Клиничка болница Битола

СВР Битола поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Битола против Е.И. (53) од Битола, поранешна директорка на Клиничка болница Битола, поради сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.

Според информациите од Министерство за внатрешни работи на Македонија, во текот на 2023 година таа постапувала спротивно на одредбите од Законот за административни службеници и неговите измени, како и без потребната согласност од Министерство за финансии на Македонија и во спротивност со Законот за буџети.

Како што соопшти МВР, без спроведување интерни огласи и без согласност и потпис од Секторот за човечки ресурси, биле склучени анекси на договори за вработување за 11 административни службеници во управната зграда на болницата. Со тоа им биле зголемени коефициентите на сложеност на работните места и им биле издадени решенија за повисока плата, односно биле унапредени во повисок степен без да ги исполнуваат образовните услови предвидени за тие позиции.

Со ваквите дејствија, според полицијата, бил оштетен буџетот на Министерството за здравство, односно Фонд за здравствено осигурување на Македонија, за вкупно 49.304 евра до моментот на поднесување на пријавата.

Како пример се наведува случај во кој лице вработено како помошник одговорен инженер за техничко одржување на објекти, за кое било предвидено средно образование од електротехничка или електромашинска струка, било унапредено и платено според коефициент што се однесува на профил доктор на немедицински науки сродни на дејноста на установата, иако станувало збор за доктор на науки од областа на индустриски менаџмент.