Фото: Пиксабеј

Во штипскиот Основен суд денеска повторно е одложено судењето на познатиот штипски угостител Стојанче Зарков, кој е обвинет дека на 8 август во семејниот дом ја убил својата мајка. Судечкиот судија, Сашко Георгиев рече дека причина за одлогањето е здраствената состојба на обвинетиот.

-Во 10:20 часот од Затвор Куманово, каде издржува мерка притвор обвинетиот Стојанче Зарков, се јавија и го известија Судот дека се пожалил на здравствени проблеми, денес пред тргнување за Штип, заради судењето и оттаму откако бил прегледан од  затворскиот лекар, констатирал дека треба да биде пренесен во болница, каде треба да му биде извршен дополнителен преглед во однос на неговата здравствена состојба – рече Георгиев.

Ова е второ одложување на постапката. Минатата недела, судењето беше  пролонгирано по барање на обвинетиот, кој побара дополнително време за да го протолкува извештајот од ДНК анализите и  вештачењето на ножот, кој беше приложен како доказен материјал од страна на обвинителката Тања Кацарова. Новото судско рочиште е закажано на 30 декември во 9.30 часот во Основниот суд во Штип.