Фото: Архива/Маја Јаневска-Илиева

Без снабдување со струја останаа 47.000 корисници во Скопје, откако по пожарот што се случи денеска напладне во депонијата Вардариште превентивно беа исклучени од напон трафостаниците „Скопје 4 – Аеродром” и „Скопје 4 – Исток”.

– Поради голем пожар во депонијата Вардариште, а по барање на Противпожарната бригада, екипите на Електродистрибуција веднаш интервенираа на терен и ги исклучија од напон трафостаниците „Скопје 4 – Аеродром” и „Скопје 4 – Исток”. Во моментов 47.000 корисници се без снабдување со електрична енергија. Напонот ќе биде повторно воспоставен по известување од Противпожарната бригада дека теренот е безбеден и пожарот е изгаснат – изјавија за МИА од Електродистрибуција.

Пожарот кај Вардариште е ставен под контрола и во моментов се догаснува. На терен се 25 пожарникари со осум противпожарни возила, изјави за МИА командантот на Територијалната противпожарна бригада на Град Скопје (БППЗ) Звонко Томевски.

– Нема повредени и нема материјална штета – изјави Томевски.

Скопските пожарникари денеска од околу 12 часот во кругот на поранешната депонија Вардариште на поголема неутврдена површина гаснат запалена сува трева и отпаден материјал.