Паричните средства со кои „Орка Холдинг“ АД Скопје го купува уделот на Сирах Лимитед Белизе се обезбедени од сопствени средства на друштвото, односно, компанијата и коресподентски банки не побарале дополнителна анализа на овие трансакции бидејќи се работи за редовни трансакции на средства кои потекнуваат од законски извори – утврди стручниот наод на судскиот вештак кој се образложуваше на денешното рочиште „Плацеви на Водно“, велат од „Орка Холдинг“.
„Со образложението на судските вештаци ангажирани од страна на одбраната на Јордан Камчев се потврдува неоснованоста на обвинителниот акт, а со тоа и на целото дејствие кое им се наметнува на обвинетите. Стручниот наод на судските вештаци од областа на економијата и градежништвото е образложен и од истиот се утврдува дека активностите се целосно основани и не постои никаков спорен момент во истите или нешто кое на било каков начин посочува на незаконски активности, финансиски криминал или друго незаконско финансиско дејствие со кое би можело да биде извршена штета на буџетот на РСМ“, стои во нивното соопштение.
Во напишаното уште се наведува дека текот на активностите, продажбите на сите удели како и добивките од истите секогаш се уредно прокнижени и вклучени во даночните основици на компаниите за данок на добивка за соодветната година и на истите се пресметани и платени даноци согласно законски пропишани стапки.
„Деловниот интерес за спорното земјиште е целосно опфатен во „Физибилити студија“ во врска со инвестициски проект кој било планирано да се реализира.
Откако не се добива дозвола за градба, иако земјиштето при купување се води како градежно, неизградено земјиште, се врши продажба на истото, а остварената добивка исто така е соодветно прокнижена и за истото е пресметано и платено данок на добивка. Последниот договор помеѓу ЛАЈФ КЕАР СЕНТЕР и СУПЕРТРЕЈД, во 2018 година каде ЛАЈФ КЕАР СЕНТЕР се јавува во својство на продавач, а СУПЕРТРЕЈД во својство на купувач врз основ на кој е издадена и платена фактура, данокот на додадена вредност од фактурата е пријавен во Управата за јавни приходи во законски предвиден рок со даночна пријава за ДДВ за конкретниот период, а на деловните односи кои се утврдени со тој договор извршена е и надворешна контрола од страна на Управата за јавни приходи РД Скопје за што е составен Записник во кој е констатирано правилно и законито пресметан ДДВ, уредно пријавен во УЈП , во законски рок. Со овие стручни наоди на вештаците, исто како и на вчерашното рочиште се потврдува неоснованоста на Обвинителниот акт, а повеќе од јасна станува и причината зошто обвинителот, застапник на случајот Лиле Стефанова која покренува обвинение под сомнение за финансиски криминал, односно, незаконито финансиско дејствие – перење пари, досега нема нарачано финансиско вештање за да го докаже истото“, стои во писмената реакција.
Прашуваат дали некој ќе ја сноси одговорноста за покренувањето на овој неоснован обвинителен акт, за кој како што велат, во друг правосуден систем би било срамно да постои без докази, а со тоа и одговорноста за сите судски „манифестации“ кои нарачано ги спроведуваше обвинителката, велат од таму.