Според статистички податоци, само 15 отсто од патниците на задното седиште се врзуваат. Користењето на сигурносниот појас е наменето исклучиво за лична безбедност и заштита на возачот односно патникот. Сигурносниот појас значително влијае на тоа какви ќе бидат последиците од сообраќајните незгоди
Уште едно потсетување на мал сегмент од областа на безбедноста на патниците во автомобилите, а голем по својот придонес на сигурноста
Иако последиците од сообраќајните несреќи во зима се помали, бидејќи возачите возат побавно поради самото време, многу работи можат негативно да влијаат на вниманието на возачот, како што се радиото или мобилниот телефон. Две секунди се доволни да погледнеме во телефонот, а тоа се 70 метри, што значи дека не внимаваме на возењето на таа маршрута. Моментот на невнимание може да ни го промени животот, па токму затоа експертите велат дека најдобрата форма на пасивна безбедност во сообраќајот е појасот, кој ги намалува фаталните повреди за 50 отсто и спречува судир меѓу возачите и патниците.
ПРИДОБИВКИ ОД НОСЕЊЕ БЕЗБЕДНОСЕН ПОЈАС
Воздушното перниче секогаш е тука за да ги ублажи последиците од евентуална сообраќајна несреќа, меѓутоа, ако не го носиме сигурносниот појас, според досегашното искуство, воздушното перниче може да ни го скрши вратот или да нѐ убие.
Според податоците, само 15 отсто од патниците на задното седиште се врзуваат. Користењето на сигурносниот појас е наменето исклучиво за лична безбедност и заштита на возачот односно патникот. Сигурносниот појас значително влијае на тоа какви ќе бидат последиците од сообраќајните незгоди. Последиците за возачот и за патниците се помалку сериозни во однос на оние возачи и патници што не користат сигурносен појас.
Обврската за користење сигурносни појаси се однесува на возачот, на сопатниците на предните седишта, но и на сопатниците на задните седишта, односно на сите седишта во возилото во кои има вградено сигурносен појас возачот и патниците имаат задолжителна обврска за користење на сигурносниот појас. Обврската за користење на сигурносниот појас е задолжителна за возачот и сите патници во возилото, без разлика дали возилото се движи во населено место или надвор од населено место.
Децата до петгодишна возраст задолжително треба да користат детско седиште врзано со сигурносен појас. Некористењето на сигурносниот појас се санкционира со парична казна наменета исклучиво за лицето што не користи појас, без разлика дали станува збор за возач или патник на предното или задното седиште. Во случај на сообраќајна незгода, сигурносниот појас и воздушното перниче ќе го забават и ќе го спречат движење на телото кон цврстите делови на возилото, со што се апсорбира голем дел од силата што се ослободува при судир.
СЕРИОЗЕН ПРОБЛЕМ СПОРЕД ЕВРОПСКИТЕ СТАНДАРДИ
Според статистичките податоци, стапката на некористење сигурносен појас на предните седишта е 10 отсто, а на задните седишта 25 отсто. ЕУ го смета тоа за „сериозен проблем“, но во споредба со Македонија, за жал, стапката на некористење сигурносен појас кај нас е многу поголема, а со тоа и ризикот учесниците во сообраќајот да бидат тешко повредени или, пак, сообраќајните незгоди да бидат со смртни последици е навистина голем.
Во таа насока, во изминативе неколку години, технологијата наречена паметни потсетници за сигурносни појаси (Intelligent seat bell reminders) сè повеќе се вградува во производството на новите автомобили и сè повеќе е дел од задолжителната стандардна опрема. Оваа технологија ги поттикнува возачите и совозачите задолжително да ги користат своите сигурносни појаси, што во спротивно, доколку не ги користат, постојано сигнализира преку светлосен и звучен сигнал, а во одредени понапредни верзии не дозволува движење на возилото со поголема брзина.
Меѓутоа, македонските возачи и за оваа законска обврска успешно пронајдоа начин како да ја заобиколат. Па, така, во земјава најчесто се користат „лажливци“, кои се исти како металниот дел од појасот што се заклучува со возилото, само без платното што е наменето да го држи телото.
Според податоците од Министерството за внатрешни работи, процените покажуваат дека голем дел возачи не користат сигурносен појас. Состојбата е уште понеповолна кога станува збор за сопатниците на предното седиште, додека бројот на патници на задното седиште што користат појас е приближно еднаков на нула. За споредба, стапката на користење сигурносен појас на предните седишта во земјите од Европската Унија е околу 90 отсто, а на задните седишта од 60 до 70 отсто.
Кога е измислен појасот?
Сигурносниот појас што се користи во денешните автомобили е измислен од Нилс Бохлин, за компанијата за производство на автомобили „Волво“. Сигурносните појаси во 1967 година за првпат стануваат стандардна опрема и на предните и на задните седишта на возилата на шведскиот бренд. „Волво“ ги собира податоците за сите сообраќајни несреќи во кои учествува моделот „PV544“ (прв автомобил во светот со сигурносни појаси како стандардна опрема), според кои возачот и патниците имаат за 50-60 проценти помала смртност и повреди доколку користат појас во случај на сообраќајна незгода. Компанијата патентот за сигурносен појас во три точки на врзување го прави отворен за сите производители.
Според анализите на Американската агенција на безбедност на патиштата од 1984 година, носењето појас го намалува ризикот од смрт на возачот и на сопатникот од 20 до 55 проценти, а за сериозни повреди од 25 до 60 проценти.
Податоците на американскиот центар за контрола и превенција од болести покажуваат дека повеќе од половина (51-60 отсто) од младите на возраст меѓу 13 и 19 години што загинале во сообраќајна несреќа не носеле појас.
Во Србија, Грција, Хрватска, Бугарија, Албанија, Црна Гора, Словенија, Австрија, Германија, Италија и во Шпанија сите вградени сигурносни појаси се задолжителни, а за деца до три години е неопходно детско седиште.
Во соседните земји, возење без појас ќе ве чини од 500 до 1.500 леки (4-12 евра) во Албанија, во Србија 5.000 српски динари или 40 евра, 35 евра во Косово, 50 лева или 25 евра во Бугарија и 350 евра во Грција. Казните за возење без појас во регионот се движат од 1.000 куни или 130 евра во Хрватска, 120 евра во Словенија, од 40 до 100 евра во Црна Гора, помеѓу 100 и 300 конвертибилни марки (од 50 до 150 евра) во Босна и Херцеговина. Во Европската Унија казните се движат од 30 евра во Германија, меѓу 35 и 72 евра во Австрија, помеѓу 81 и 326 евра во Италија.
Во Македонија возачот што не користи сигурносен појас се санкционира со парична казна во висина од 40 евра во денарска противвредност.