По спроведена претходна постапка, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје до Основниот кривичен суд Скопје денеска поднесе Обвинителен предлог против три лица, татко и неговите два сина, кои се товарат дека заедно сториле кривично дело „предизвикување општа опасност“. За сите тројца е доставен и предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор – информира денеска Јавното обвинителство.
Лицата на 9 август 2024 година предизвикале пожар на шумско земјиште во државна сопственост, во месноста викана „Дупки“, во атарот на селото Патишка Река, во општина Сопиште.
– Со запаллива течност – моторно масло и бензин полеале и запалиле нискостеблеста шума и суви треви, предизвикувајќи општа опасност за животот и телото на луѓето и за имот од големи размери, се наведува во соопштението.
Осомничените ги забележал и ги пријавил очевидец.