Фото: МИА

Претседателот на Судскиот совет Александар Камбовски во изјава за МИА вели дека побарале увид во предметот за пресудата за Теодора Ристевска која беше прегазена во сообраќајна несреќа во Тетово. Тој нагласува дека доколку има пропусти ќе реагираат.

– Веднаш побаравме да видиме што се случува, предметот е побаран и треба да ни биде испратен. Ќе извршиме увид и доколку има пропусти ќе реагираме, доколку е сè во ред, ќе соопштиме – рече тој.

По сообраќајната несреќа во август 2022 година, сторителот кој ја прегази 22-годишната Теодора првично беше осуден на три години и шест месеци затвор. Апелациониот суд ја намали казната на две години, но Врховниот суд ги укина пресудите и го врати случајот на повторно судење. Судот во Тетово вчера повторно му досуди две години затвор на сторителот.

Пресудата предизвика силни реакции во јавноста, со многу луѓе кои изразија незадоволство и гнев на социјалните мрежи, сметајќи дека казната е премногу блага. Семејството на Теодора е длабоко разочарано од пресудата. Дополнително, судијата Ељведин Ферати беше критикуван поради сомнежи за неговиот интегритет дека си ги поправал оценките на Тетовскиот универзитет со пречкртување. Државниот просветен инспекторат минатата година утврди неправилности во неговите оценки, што доведе до предистрага од Скопското јавно обвинителство.

Премиерот Христијан Мицкоски денеска го повика Судскиот совет да ја преразгледа работата на судијата. Реакција од Судскиот совет побара и министерот за правда, Игор Филков, кој ја коментираше пресудата, истакнувајќи дека довербата на граѓаните во судството е многу ниска.