Основното јавно обвинителство (ОЈО) – Штип донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице, осомничено за кривично дело – Убиство согласно член 123 став 2 точка 2 од Кривичниот законик.
-Осомничениот 74-годишник, при вршење семејно насилство, лишил од живот жена со која биле во блиски лични односи, така што со тврд предмет и задал повеќе удари во главата, кршејќи и го черепот. Потоа, со остар предмет пресекол делови од телото и ги сокрил на непознато место, а трупот го закопал во дворот од куќата – се вели во соопштението од Обвинителството.
Во него се наведува и дека јавниот обвинител процени дека во конкретниот случај постои опасност од бегство, но и можност осомничениот да ги сокрие трагите од кривичното дело, па до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор.
Надлежните од ЈП „Исар“-Штип потврдуваат дека вчера и денеска има пребарување на градската депонија „Трештена скала“ од страна на истражните органи за пронаоѓање на деловите од телото на убиената жена.



































